Малезиски авион со 298 патници и членови на екипажот падна во четврток во источна Украина, а доколку биде потврдено дека го соборила ракета, тоа ќе биде најсмртоносниот напад на комерцијален патнички авион од 60-сеттите години на минатиот век.
Од 1967 година повеќе од 700 луѓе загинаа во 19 одвоени инциденти кои вклучувале отворање оган, наведува воздухопловната агенција Flightglobal Ascend со седиште во Велика Британија, која има детална анализа на податоците за авионските несреќи.
Последен напад на авион е забележан во јануари 1999 година, кога транспортен авион TransAfrika, Lockheed Hercules, е урнат во Ангола. Притоа загинаа сите девет патници и членови на екипажот.
Следува пописот на пет најсмртоносни напади на патнички авиони.
Иран ЕР, 1988
На рутата од Бандар Абас за Дубаи, летот на Иран Ер 655 го собори американски воен брод крај брегот на Иран. Загинаа сите 290 патници и членови на екипажот. Американската морнарица соопшти дека по грешка го урнала авионот, мислејќи дека станува збор за борбен авион Ф-14 на иранската воена авијација.
Коријан Ер, 1983
Боинг 747 на Коријан Ер го урнаа советски авиони откако навлегол во воздушниот простор на СССР. Сите 269 патници и членови на екипажот загинаа.
Либијан Ерлајнс, 1973
Откако го пресретнале израелските воздушни сили и отвориле оган врз леталото, боингот 727 на Либијан Ерлајнс се урна при обидот за принудно слетување. Авионот заталкал во израелскиот воздушен простор заради навигациска грешка и се урна во Синајската пустина, 150 километри североисточно од Каиро. Загинаа 106 од 113 патници и членови на екипажот.
Ер Грузија, 1993
Авионот Ту-154 на Ер Грузија го собори ракета во Абхазија. Авионот падна на пистата и се запали, при што загинаа 108 од 132 патници и членови на екипажот. Се верува дека тоа бил чартер лет на грузиското министерствоз а одбрана што превезувал војници како засилување во судирите околу абхазиската престолнина Сухуми.
Судан Ервејс, 1986
Набргу по полетувањето од Малакала во Јужен Судан, Фокер Ф-27 на Судан Ервејс го собори суданската „народноослободителна војска”. Загинаа сите 65 патници и членови на екипажот.