Петар Наумоски и официјално е новиот претседател на Кошаркарската федерација на Македонија.
Тој е избран едногласно на Собранието што се одржа во хотелот Александар Палас во Скопје, каде беа присутни сите 28 претставници со право на одлучување.
Легендата на македонската кошарка Наумовски, на почетокот на Собранието за противник кандидат го имаше досегашниот член на УО на МКФ, Абдураим Бајрактари, кој иако беше поддржан од 10 члена, поради незапазување на процедурата се повлече од трката за претседател.
Откако стана јасно дека популарниот Пеце останува единствен кандидат за претседател тој ја доби довербата на сите 28 членови на Федерација.
Новиот претседател најави и искоренување на непотизмот кој години наназад владее во одредени тела, организации кои се составен дел од МКФ, но пред се во младинските селекции.
Наумоски најави дека нема да има прогледување низ прсти на клубовите, претставниците или било кој друг чинител во кошарката и дека тие кои нема да ги почитуваат правилата и актите на Федерацијата ќе бидат најстрого санкционирани, без разлика на реномето и постигнатите успеси во минатото.