Завршиле преговорите за договорот на Филип Морис со Тутунски комбинат од Прилеп. Договорот ќе биде потпишан по изборите. Ова за економски.мк го потврдуваат и од Белград, каде се наоѓа седиштето на компанијата за овој дел на Европа.
„Филип Морис постигна договор со Тутунски Комбинат Прилеп и ние сметаме дека новото друштво ќе придонесе за унапредување на деловното работење на компанијата во овој дел од Европа“, изјави Маја Шотра, менаџер за комуникации на Филип Морис, за економски.мк.
Договорот обезбедува директен пласман на значителни количини македонски ориентален тутун за потребите на Филип Морис.
Со Договорот за стратешко партнерство се обезбедуваат дополнителни средства за инвестиции, осовременување на производството и подобрување на продуктивноста на Тутунски комбинат. Ова ќе придонесе за стабилизирање на работењето на Тутунски комбинат кој ќе се трансформира во профитабилна компанија.
Формално договорот ќе биде потпишан откако ќе го одобри Собранието на акционери на Тутунски комбинат АД Прилеп.