Обидот на Бугарија да издејствува висока американска почест за спасувањето на еврејската заедница во Втората светска војна, наиде на протест од страна на Музејот на Холокаустот во Вашингтон.
Бугарија покрена иницијатива која во овој момент се разгледува во Советот на градот Вашингтон, мал плоштад во американскиот главен град да биде именувана по Димитар Пешев, министерот за правда во време на Втората светска војна, кој се смета за заслужен што бугарските власти се откажале од депортирањето на околу 50.000 бугарски Евреи во германските логори на смртта.
Но, како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, Музејот на Холокаустот укажува на депортирањето на околу 11.000 Евреи од териториите кои биле окупирани од страна на Бугарија, со што почеста за Пешев се доведува во прашање.
Спорот од вчера е отворен од страна на агенцијата Асошиејтед прес, а во него се вклучи и бугарскиот претседател Росен Плевнелиев, кој неодамна го посети Вашингтон и беше почесен гостин на 100-годишнината на Американската лига против клеветите, најстарото здружение кое се бори против гонењето на еврејската заедница.
Од Музејот на Холокаустот со писмо побарале да бидат разгледани сите страни од односот на тогашна Бугарија кон еврејската заедница, пред да се донесе одлука плоштадот пред амбасадата на Бугарија во центарот на Вашингтон, да го носи името на Пешев.
Во текстот на Асошиејтед прес се укажува дека, покрај тоа што ја информирал јавноста за тоа што им се подготвува на Евреите и обезбедил поддршка да се спречи тој план, Пешев бил и водач на партија која предложила дополнителни даноци за Евреите, а во Бугарија Евреите за време на војната биле принудени да носат давидови ѕвезди на рацете и биле принудувани на тешки работни задачи.
Во меѓувреме ТВ Сител објави еклсузивно делови од содржината на писмото кое Американскиот меморијален музеј на холокаустот го испрати до бугарското Собрание, Стејт Департменот, Европскиот Парламент, и бројни меѓународни организации, во кое се потсетува на бугарската улога во депортацијата на евреите во нацистичките логори на смртта.
,,Непрофатливо е од страна на бугарските претставници да се каже дека Бугарија била земја окупирана од нацистите и дека териториите окупирани од Бугарија во северна Грција и Кралството Југославија биле во тоа време под германска јурисдикција‘‘, се вели во писмото.
Од Музејот на холокаустот, експлицитно потсетуваат на историските факти според кои канцеларијата на бугарскиот комесар за еврејски прашања ја засилил дискриминаторската легислатива против бугарските евреи и евреите во Македонија и Тракија. Бугарската Влада е таа што им наложила на Евреите да носат жолта ѕвезда. Бугарската Влада е таа што одбила да им даде државјанство на евреите од Македонија, за разлика од државјанствата за неевреите. Бугарското министерство за внатрешни работи, заедно со комесарот Белев се тие што ги депортираа евреите од Македонија и Тракија. И конечно бугарската Влада е таа која ги плати возните билети за евреите кои наскоро потоа беа убиени.
Според американките евреи не држи оправданието дека германците вршеле притисок врз бугарската влада за македонските евреите, кога успеале да се спротивстават на притисокот за депортирање на бугарските евреи.
На крајот во писмото се наведува дека бесчуствителените и неискрени обиди да се искриви историјата на бугарските евреи се навреда за жртвите на холокаустот и уривање на имиџот на Бугарија.
Според информациите на Сител, по силните реакции иницијаторот се откажал од именување на плоштадот во Вашингтон по Димитар Пешев, а на социјалните мрежи бројни се барањата за оставка на амбасадорката Елена Поптодорова.