Со денешната просечната плата од околу 21 илјади денари може да се купат помалку производи отколку во 2009 година со 19 илјади денари.
Просечната плата во Македонија изгубила 2.000 денари од својата вредност во изминатите пет години. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека од март 2009 до март 2014 година номиналната плата се зголемила за 6,4 отсто, но во исто време реалната плата се намалила за над 4 отсто. Иако номиналната плата расте, односно граѓаните добиваат повеќе пари, реалната плата се намалува, односно со тие пари може да се купат помалку производи, пишува Радио слободна Европа.
Според државната статистика, во март годинава просечната плата била 21.007 денари, додека пред пет години таа била 19.745 денари. Сепак, со оглед на поскапувањето на основните животни потреби, со денешната просечната плата, може да се купат помалку производи отколку во 2009 година, односно овие 21 илјади денари денес вредат колку 19 илјади денари пред пет години.
Важен индикатор за стандардот на населението е и џини индексот, кој ја мери социјалната нееднаквост во државата и кој во последната деценија константно се зголемува. Македонија има најголема класна раслоеност во Европа и поранешните советски републики. Во последните години најбогатите 20 отсто од македонските граѓани стануваат уште побогати, а останатите 80 отсто осиромашуваат.