Специјалната обвинителка Катица Јанева повеќе од четири часа даваше исказ за случајот Рекет во кој првоосомничен е Боки13 за изнуда на пари заедно со Зоки Кичеец.
Јанева дојде со возач, адвокат со кој е на сведочењето и со насмевка ги одбегна прашањата на новинарите за тоа каде се парите од Орце Камчев.
Повикана сум како сведок. Не знам дали обвинителката ќе реши да бидам и осомничена, тоа треба неа да ја прашате. Се работи сѐ уште за истрага, изјави специјалната обвинителка Катица Јанева по излегувањето од четиричасовниот распит од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал.
Како што нагласи Јанева, таа во ОЈО била повикана како сведок за случајот „Рекет“.
На новинарско прашањет „дали знае каде завршиле парите од снимката што ја објави италијанскиот весник Ла верита, Јанева одговори: „Да“.
„Ова е истрага и во истрага не се споделуваат информации. Ќе има најверојатно судење и таму ќе се кажат работите. Два мои телефони што сум ги користела се на анализа во обвинителство. Дали истрагата ќе се води и против мене – не знам. Не, не чувствувам вина. Не знам дали во случајот има инволвиран и политичар“, одговараше Јанева на новинарските прашања по излегувањето од ОЈО.