Македонија Сообраќај една година превезувала патници до Солун без дозвола . Од Министерството за транспорт потврдуваат дека им е одземена поради нередовно одржување на линијата уште во 2014. Но, можеле да возат се до јануари минатата година, бидејќи дозволата била продолжувана додека трае судскиот спор. Иако ја загубиле лиценцата поради непочитување на правилата за работа, тие на своја рака возеле за Грција. Вчера после 15 години линијата е укината. До мај нема да може да се распише нов тендер за избор на превозник .
Министерствто за транспорт и врски одлуките ги носи исклучиво врз основа на важечките законски прописи во Република Македонија и тие важат поддеднакво за сите превозници во внатрешниот и меѓународниот сообраќај.
Исто така сакаме да информираме дека партнер фирмата од Грција редовно ја одржува линијата Скопје-Солун, а истата аплицираше за продолжување на важност на дозволата и ги има исполнето сите законски услови за тоа.
Во интерес на граѓаните на Република Македонија, Министерството за транспорт и врски ги презема сите активности за редовно одржување на меѓународниот сообраќај, а воедно ги охрабрува сите заинтересирани компании да се пријават на претстојниот повик за распределба на автобуските линии во внатрешниот и меѓународниот сообраќај, со цел да се обезбедат навремени и квалитетни сообраќајни услуги за граѓаните, стои во соопштението од Транспорт.
Мирослав Трајковски синоќа, со комбе наместо со автобус се вратил во Скопје. Вели дека веќе две години со оваа линија патувал за Грција, а линијата ја користеле и голем број на студенти и туристи.
Во моментов во тек е постапката пред Управен суд помеѓу Министерството за транспорт и Македонија сообраќај за одземање на линијата потврдуваат од претпријатието. Превозникот е убеден дека работеле во интерес на патниците. Велат дека проблемот е во тоа што не можат да аплицираат за нова дозвола, се додека трае постапката пред судот.
Линијата постои веќе 15 години. Од 3 пати неделно е проширена на секој ден. Два пати дневно автобусот сообраќал од Скопје до Солун. Последниов период поради проблемот со дозволата патниците морало да се симнат на граница и да се префрлат во автобус на грчкиот превозник- партнер на Македонија Сообраќај.