Почина академик Милан Ѓурчинов


На 90-годишна возраст вчера почина академик Милан Ѓурчинов, редовен член на Македонската академија на науките и уметностите.

Академик Милан Ѓурчинов е роден на 28 јули 1928 година во Белград. Во 1951 година дипломирал славистика на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Белград, докторирал во 1960 година на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје, а се усовршувал на универзитетите во Љубљана, „Ломоносов“ во Москва и „Сорбона“ во Париз.

Академик Ѓурчинов бил професор на Филолошкиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, шеф на Катедрата за славистика, а во 1980 година ја основал Катедрата за општа и компаративна книжевност и бил нејзин раководител.

Активно учествувал на меѓународни и на домашни конгреси, симпозиуми и други собири, како и на семинарите за македонски јазик, литература и култура во Охрид. Членувал во повеќе општествени и културни асоцијации и редакциски одбори. Бил член на Редакцијата на списанието „Разгледи“ и претседател на Советот на „Струшки вечери на поезијата“. Тој спаѓа во репрезентативната група македонски интелектуалци, значајни за културната афирмација на Македонија.

Академик Ѓурчинов е критичар, антологичар, теоретичар на литературата и славист, а неговата активност во областа на книжевната историја се однесува, пред сè, на руската книжевност, особено студиите за Чехов, Достоевски и Пастернак. Многу други осврти и есеи за руски писатели сведочат за неговиот постојан интерес за руската литература во минатото и денес и за нејзиното вклучување во македонскиот културен хоризонт.

Академик Милан Ѓурчинов е најсуптилен македонски литературен критичар, кој со својата широка образованост и култивираност, со своите плуралистички погледи кон творечките појави и со критериум од највисок домен внесе нов дух во толкувањето на литературното творештво во нашата средина, приближувајќи ја критичката дејност кон европските стандарди.

Бил член на повеќе меѓународни тела и асоцијации: на Президиумот на Меѓународниот славистички комитет, чиј претседател бил од 2003 до 2008 година, на Извршниот совет на Европското друштво за култура (Венеција) и др. Од 2002 година бил член на Медитеранската академија во Неапол, Италија. Акад. Ѓурчинов е член на Македонскиот ПЕН-центар и на Друштвото на писателите на Македонија од 1956 година, а во еден мандат бил и негов претседател.

За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 7 октомври 1988, а за редовен член е избран на 21 април 1994 година.

Погребот на академик Милан Ѓурчинов ќе се изврши на Градските гробишта „Бутел“ во Скопје на ­­26 јули (четврток) во 11,30 часот, а неговите посмртни останки ќе бидат изложени во Капелата од 10,30 до 11,30 часот.

По повод смртта на акад. Милан Ѓурчинов, Македонската академија на науките и уметностите и Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје во Свечената сала на МАНУ ќе одржат заедничка Комеморативна седница на 27 јули (петок), во 11 часот.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1