Мајката на сирискиот претседател Башар ал-Асад, Аниса Маклуф, починала во саботата во 86-та година од животот, објави државната агенција SANA.
Поранешната прва дама на Сирија и сопруга на починатиот претседател Хафез ал-Асад, таткото на Башар, починала во болница во престолнината Дамакс.
Според соопштението на семејството, Аниса Маклуф одамна боледувала и се лекувала во Германија до 2012 година, кога старицата била ставена на „црната листа“ на Европската унија со имињата на истакнати лица од сириската влада кои се обвинети дека го поттикнувале задушувањето на бунтот од март 2011 година на сунитската опозиција, за која официјален Дамаск тврди дека е вооружувана и финансиски помогната од тајните служби на околните сунитски земји за да предизвика преврат.
Во текот на триесетгодишното владеење на сопругот, како и последните години во текот на сирискиот конфликт, Малуф не се појавуваше во јавноста и ретко беше споменувана во медиумите.
Аниса Маклуф е родена во Латакија, сириската покраина на брегот на Средоземното Море, која е населена главно со алавити, огранок на шиитскиот ислам, на кој му припаѓа и таа и сопругот. Во 1957 година се мажи за подоцна генералот Хафез ал-Асад кој во 1966 година станува министер за одбрана, во 1970 година е премиер на чело на партијата Баат, главната сила противник на исламистичкото Муслиманско братство во регионот, а во 1971 година станува претседател на Сирија и авторитарно владее со оваа некогаш успешна земја до смртта во јуни 2000 година.