Универзитетскиот професор Јане Миљовски почина вчера во Скопје на 70-годишна возраст , јави Телма.
Тој беше министер во експертската Влада на самостојна Македонија. Од тогашниот премиер Никола Кљусев ја доби задачата да го подготви концептот за трансформација на општествената сопственост и нејзина приватизација. Во првата политичка Влада беше вицепремиер и министер за финансии. Еден кус период и потпредседател на тогашниот владеечки СДСМ.
Јане Миљовски беше професор на Правниот факултет на УКИМ и ректор на приватниот Њујорк колеџ во Скопје. Миљовски е роден на 1 мај во 1946 година.
Кон крајот на 80-тите припаѓаше на групата млади интелектуалци кои беа ангажирани во демократизацијата на земјата, воведување на парламентарната демократија и либералната пазарна економија.
Тој потекнуваше семејството на универзитетскиот професор Деса, а татко му Кирил Миљовски беше и член на МАНУ.
Пoгребот на проф. Миљовски ќе се изврши во вторник во Скопје.