Почина Гркот кој предлагаше Македонија да се вика „Република Пајонија“


На 98-годишна возраст во Атина почина поранешниот грчки министер за Северна Грција и близок соработник на Караманлис, Николаос Мартис, кој пред неколку години предложи нашата земја да се вика „Република Пајонија“.

martis500Мартис во својата политичка кариера бил државен секретар за трговија, министер за индустрија и министер за Северна Грција. Сепак тој е најпознат по неговата книга „Фалсификување на историјата на Македонија“ за која беше награден од страна на Атинската академија, а фондацијата „Александар Оназис“ ја преведе на три јазици, пренесува Миа.

Во книгата Мартис тврди дека „античките Македонци биле Грци, и соодветно на тоа, културата на Античка Македонија е дел од грчкото културно наследство“.

Во информацијата за смртта на Мартис, грчките медиуми нагласуваат дека тој од октомври 1955 до јануари 1956 работел како државен секретар во министерството за Северна Грција и се занимавал со „македонското прашање“. За тоа време, тој со своите активности во Грција и надвор од земјата, „многу придонесол за утврдување на вистината за историјата на Македонија“.

Пред две години, грчките медиуми пишуваа дека Мартис наводно му пратил писмо на македонскиот претседател Иванов во кое предлага решение на македонско- грчкиот спор за името да биде „Република Пајонија“ или „Република словенска Пајонија“.

Грчкиот премиер во својата порака по повод смртта на Мартис, изјави дека „земјата се збогува со голем Грк“. Според Самарас, Мартис не се борел само во вистински воени битки, туку и со „пенкало за да ја напише ’Фалсификување на историјата на Македонија’“. „Освен тоа, неговата документација, аргументи и длабоко познавање на историјата на Македонија, беше многу вредно оружје за сите грчки влади“, вели Самарас во неговата порака со сочувство.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1