Почина основачот на Ikea – осмиот најбогат човек на светот, живеел многу скромно


Основачот на „Икеа“ Ингвар Кампрад почина на 91-годишна возраст, јавуваат шведските медиуми.

Кампрад починал во својата куќа во Смаланд. Од компанијата велат дека тој бил еден од најголемите претприемачи на дваесеттиот век.

Во еден момент, Кампрад дури бил и најбогатиот човек на светот, а живеел во многу неупадлив бунгалов во Швајцарија. Бил познат, па донекаде и озлогласен, по својата штедливост.

Својата облека ја купувал само од „секнд-хенд“ продавници. Штедел и на сопствениот превоз. Возел старо „Волво“ со години, летал во економска класа на подолги релации и одбивал да користи такси-превоз, користејќи го јавниот. Дури последните неколку години од животот, почнал да вози „Порше“-автомобил.

Ги рециклирал вреќичките чај, а бил познат и по тоа што собирал кесички со сол и бибер од рестораните.

Почнал да работи на осумгодишна возраст. Продавал ќибрити. Набрзо го проширил подрачјето на продажба, така што со велосипед одел до блиските места за да продава.

После тоа, продавал и риби, божиќни декорации, семиња и моливи. На 17 години, почнал да работи со мебел. Прво продавал реплики на кујнската маса на вујко му, за денес „ИКЕА“ да продава мебел ширум светот. Ја насловил својата компанија според почетните букви од своето име и презиме како и фармата каде се родил – Елмтарид во селото Агунарид.

Не сакал да го плаќа високиот данок на добивка во Шведска, па според наводите на „Форбс“ одлучил да се пресели во Швајцарија во 1976 година, но се вратил во родната земја 40 години подоцна кога биле усвоени реформите на даночните закони, кои донеле пониски даночни стапки.

Ингвар Кампрад ја основал „Икеа“ на 17-годишна возраст во 1943 година. Самото име на фирмата е акроним од зборовите Ингвар, Кампрад, Елмтарид (семејната фарма), Агунарид (соседното село).

Денес, „Икеа“ е еден од најголемите и најпознатите меѓународни концерни и најголем малопродажен синџир за мебел и предмети за домаќинство. Првиот продажен центар на „Икеа“ е отворен во Шведска 1958 година, а потоа и во Норвешка и Данска неколку години подоцна, а наредните две децении и во други делови на Европа, но и Јапонија, Австралија и Канада.

„Икеа“ денес вработува 190 илјади луѓе во светот и има годишен промет од 38 милијарди евра.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1