Хрватската писателка, колумнистка и новинарка Ведрана Рудан почина на 77-годишна возраст по долга и тешка борба со карцином, објавено е на нејзината официјална страница на Фејсбук. Во објавата се наведува дека Рудан „заминала на подрачје без сигнал“.
Оваа порака има особено значење бидејќи токму со тие зборови Рудан претходно зборуваше за сопствената смрт.
За време на гостувањето во хрватската емисија „Во недела, во два“, отворено зборувајќи за тешката болест, таа рече дека сака нејзините најблиски нејзината смрт да ја сфатат како „одење на подрачје без сигнал“.

Веста за нејзината смрт ја потврдија и извори блиски до писателката.
Рудан во мај 2024 година јавно соопшти дека боледува од ретка форма на карцином на жолчните канали. За дијагнозата и лекувањето пишуваше отворено, директно и без разубавување, во стилот по кој беше препознатлива во текот на целата своја кариера.
Таа откри дека била меѓу малиот процент пациенти кај кои била можна операција, а пред хируршката интервенција била подложена и на радиохируршки третман. Подоцна стана првата пациентка во светот кај која била применета хипербарична оксигенотерапија за лекување компликации настанати како последица од третманот на туморот.
Ведрана Рудан, родена на 29 октомври 1949 година во Опатија, беше една од најчитаните, но и најконтроверзните современи хрватски писателки, колумнистки и новинарки. Беше позната по својот остар, директен и провокативен стил на пишување, без цензура.
Завршила Педагошка академија во Риека, на отсекот за хрватски и германски јазик. Пред целосно да му се посвети на пишувањето, работела различни работи – како учителка, туристички водич, продавачка на сладолед и новинарка.
Повеќе од 20 години работеше во новинарството, пишувајќи за повеќе весници и списанија, меѓу кои „Национал“ и „Ферал трибјун“, а работеше и на радио.
По заминувањето од новинарството, постигна голем регионален успех како писателка. Нејзините книги се преведени на повеќе светски јазици, а дел од нив беа адаптирани и за театар и изведувани низ регионот.
Во своите дела Рудан обработуваше теми како феминизмот, семејното насилство, општественото лицемерство, брачните односи и стареењето, но и жестоко го критикуваше национализмот и политичките елити.
Голема популарност стекна со својот дебитантски роман „Уво, грло, нож“, објавен во 2002 година. Следуваа успешните романи „Љубов на последен поглед“, „Јас, неверната“, „Скелети од округот Медисон“ и „Маж во грлото“.
Својот живот, детството, подемите и падовите искрено ги опиша во автобиографскиот роман „Танц околу Сонцето“, објавен во 2019 година. Во 2022 година го објави романот „Доживотна робија“.
Рудан на својот блог редовно пишуваше и за секојдневната борба со карциномот.








