Под островите Маурициус и Реунион се крие предисториски микро континент сокриен под дебел слој на лава, на илјадници метри под Индискиот Океан, се тврди во една нова студија на британската научна ревија „Нејчр Геосајнс“
Како што пренесува дописникот на МИА од Париз, во текстот се тврди дека континентот, наречен Мауриција, пред околу 60 милиони години се одделил од сегашниот остров Мадагаскар, кога тој се оддалечувал од Индија.
Во меѓувреме микро-континентот бил покриен со огромни количества на лава дојдена од длабочината на земјата, стои во студијата.
Создавањето на континентите се поврзува со издигнувањето на екстремно врели карпи што потекнуваат од земјишните длабочини. Нивните температурите се толку многу високи, што тие можат да ја омекнат тектонската плоча и да ја поделат на два дела на нивото на интензивните вулкански активности.
На тој начин источниот дел на супер континентот Гондвана, кој се појавил пред околу 600 милиони години, започнал да се дели во периодот на Јура и на тој начин биле создадени Мадагаскар, Индија, Австралија и Антарктикот, кои со поместување дошле во сегашните положби.
Но, делови од овие континентски маси се изгубиле во текот на „патувањето“, како што е случајот со архипелагот на Сејшелите.
Според студијата на меѓународната екипа, анализита на вулканската песок од плажите на Маурициус наведува на заклучок дека е можно да постојат и други слични микро континенти како Мауриција или Сејшелите.
– Ние докажавме дека делови од континентот продолжиле да се движат под вулканската покривка на Реунион, што објаснува зошто тој е преплавен од вулкански карпи кои никогаш досега не биле идентификувани, изјави на Бернард Штајнбергер од германскиот центар ГФЗ.
Тоа што додега се интерпретираше како единствена трага од реунионската покривка, всушност беше составена од континентални делови, како тие на Сејшелите, се заклучува студијата, според која, Индискиот Океан може да крие повеќе делови на континентот.
Нова Македонија