Здружението „Дрита агб“ од Гостивар за проектот „Афирмација и одржливост на албанската култура преку промоција на традиционалните обичаи на албански сунет во Македонија“ побарало 610.000 денари, а Министерството одобрило 500.000 денари. Здружение фолклорна група „Копачка“ од делчевското село Драмче за прослава на јубилејот „70 години Копачка“, кое е заштитено како нематеријално светско културно наследство од УНЕСКО, побарало 120.500 денари, а одобрени му се 80.000 денари
Двајца реномирани сликари од иста генерација. За изложба на едниот 120.000 денари, за другиот – 10.000 денари. Културни манифестации со мала традиција поддржани со многу повеќе пари од долгогодишни, докажани фестивали и манифестации. Измешани реакции деновиве предизвикаа резултатите од Годишната програма на Министерството за култура. Се добива впечаток дека културниот колач е поделен за сите по малку, но за неколкумина малку повеќе. За поздрав е транспарентноста, односно што првпат се објавуваат побараните и одобрените суми за сите проекти и имињата на членовите на комисиите што решавале за нив.
Евидентно е дадена поголема поддршка на манифестации што се организираат на албански јазик или на уметници од албанска националност, за сметка на другите малцинства. Манифестацијата „Рацинови средби“, која се одржува од 1964 година, ќе добие 250.000 денари, а побарала двојно повеќе. За 22. издание на Меѓународната литературна манифестација „Дитет е Наимит“ од Тетово ќе бидат одвоени 800.000 денари.
За литературната манифестација „Движењето нѐ обединува“, Здружението „Традута“ од Тетово ќе добие 450.000 денари. За локален саем на албанските издавачи се доделени 250.000 денари. Прозниот фестивал „Про-за Балкан“ од Скопје, кој донесе врвни имиња од балканската и од европската прозна сцена, за годинава има само 200.000 денари. Фестивалот на античката драма „Стоби“ има само 300.000 денари буџет, што е за 500.000 денари помалку од лани. Манифестацијата „Поетската ноќ во Велестово“ не доби поддршка за 30. издание и организаторите реагираа на одлуката на комисијата.
– Уште повеќе сме разочарани што министерот Алаѓозовски вети дека предност ќе имаат манифестациите со традиција и со уникатен концепт. „Поетската ноќ во Велестово“ е втората најстара книжевна манифестација во Македонија, веднаш по Струшките вечери на поезијата, која континуирано се одржува веќе 30 години. Сакаме да веруваме дека се работи за грешка, пропуст. Се надеваме дека грешката ќе биде исправена – велат од манифестацијата.
Големи се разликите во сумите што ги добиваат уметниците за слични настапи – на пример, сопранот Ана Ројдева-Талевска за концерти во Куманово и во Штип ќе добие 35.000 денари, додека сопранот Бесарта Муртезани за настап во Тетово ќе добие 120.000 ден.
За концерт на детето-пејач Виган Максути во Центарот за култура во Тетово, Министерството за култура ќе одвои 300.000 денари, додека за концертна промоција на албумот „Мајчин јазик“ на легендата Влатко Стефановски ќе даде 100.000 денари помалку (а биле побарани околу 547.000 ден).
Музејот на албанската азбука доби еден милион денари за брошури и летоци
За осовременување на четири археолошки депоа (трета фаза), Заводот и музеј од Битола побарал 3,271 милиони денари, а добил само еден милион денари. За споредба, Музејот на албанската азбука (исто така од Битола) побарал 1,4 милион денари за подготовка и печатење на рекламен материјал (брошура и летоци), а одобрени му се исто така еден милион денари.
„70 години Копачка“ до 80 илјади денари
Здружение фолклорна група „Копачка“ од делчевското село Драмче за прослава на јубилејот „70 години Копачка“, кое е заштитено како нематеријално светско културно наследство од УНЕСКО, побарало 120.500 денари, а одобрени му се 80.000 денари.
За обнова на опожарените конаци и изработка и реализација на проектите за црквата, трпезаријата, магерничкиот конак и магерницата на манастирот Трескавец кај Прилеп биле побарани 122,9 милиони денари, а одобрени се 35 милиони.
За археолошки истражувања на локалитет Стибера кај селото Чепигово (локалитет кој даде исклучително интересни пронајдоци во изминатите години) прилепскиот Музеј побарал 1,1 милион денари, а добил 300 илјади. За пофалба е примерот со конзервација и препокривање на манастирската црква „Св. Никола“ во мариовското село Манастир. Побарани се еден милион денари, а Министерството одобрило 1,5 милион.