Десет дена на грчките острови во Јонско Море за стотина евра, одмор во Анталија во луксузен хотел со пет звездички за 600 евра, сончање на плажите на хрватскиот остров Хвар за 170 евра се само дел од таканаречените ласт минут-понуди на туристичките агенции за летово. Искуството на туристичките работници покажува дека с` повеќе македонски граѓани ги чекаат овие понуди за да искористат одмор по цени пониски и за 40 отсто од реалните. Она што им е потребно е храброста да чекаат два-три дена пред тргнување за да дознаат каде точно ќе летуваат и што ќе им биде вклучено во аранжманот.
Во туристичката агенција „Фибула“ објаснуваат дека ласт минут-понудите се наменети за најхрабрите клиенти и за авантуристите, со оглед на тоа дека ги купуваат аранжманите што ќе останат непродадени.
– Овие понуди најчесто се за млади луѓе со авантуристички дух или за лица што имаат можност да користат одмор кога тие сакаат. Последниве години с` повеќе клиенти ги купуваат ласт минут-понудите, дури има и такви што според нив го планираат одморот. Kлиентите сфатија дека на овој начин купуваат аранжман за 10, 15, па дури и за 40 отсто поевтин – вели Сузана Зелениковска од „Фубула“.
Според неа, оваа опција ја избегнуваат семејства со мали деца со оглед на тоа дека не може да избираат вид сместување, превоз и услуга.
– Семејствата сакаат сигурност, односно самите да го изберат идеалното сместување според своите потреби, превозот, како и датумот на патување. Тие го планираат одморот многу порано. Со ласт минут-понудите тоа не е можно – вели Зелениковска.
Од туристичката агенција „Савана“ објаснуваат дека иако порано овие понуди ги користеле најчесто млади луѓе, последниве години ситуацијата се менува.
– Сега и повозрасни луѓе се навикнаа да чекаат ласт минут-понуди и се подготвени да ризикуваат во интерес на домашниот буџет. Kлиентите стануваат посвесни дека овие понуди се и до 30 отсто поевтини за лице, што е многу атрактивно и во денешно време многу значи. Сепак, треба уште да се менува свеста на дел од клиентите кога станува збор за ваквите понуди. На дел не им е јасно како може некој да го добие истиот аранжман речиси двојно поевтино од некој што уплатил уште во февруари, поради што реагираат. Но, тие што чекале ласт минут ризикувале бидејќи можело и воопшто да не најдат место – вели Ана Kрстевска-Kаламадевска од „Савана“.
Туристичките работници објаснуваат дека со овие понуди може да се заштедат и повеќе од 100 евра за лице. Единствено клиентите треба да се подготвени да чекаат добра можност и да се подготвени за ден-два да се спакуваат и да заминат на одмор. Во агенциите велат дека ласт минут понудите станаа поатрактивни откако стапи во сила безвизниот режим. Претходно, поради процедурите за вадење виза голем дел од аранжманите не можеа да се продадат само неколку дена пред тргнување.
Граѓаните сметаат дека тоа што агенциите с` повеќе нудат ласт минут-понуди е одличен чекор, од кој и едните и другите имаат корист.
– Така успеваат да ги продадат непродадените аранжмани, а ние успеваме да заштедиме. Последниве две-три години со друштвото така го планираме одморот. Ги чекаме ласт минут-понудите и кога ќе наидеме на нешто прифатливо, одиме без размислување. Се заштедува значителна сума пари, а и секогаш си поминуваме одлично. Досега на овој начин сме уплатиле аранжмани за Грција и за Турција, но нема многу да размислувам ако се појави нешто прифатливо и за подалечни дестинации – вели студентката Моника Новевска.
Ласт минут-понудата на домашните агенции е различна. Се нудат на продажба поевтини аранжмани за Грција, Турција, Хрватска, Сицилија, Египет. На пример, има деветдневни аранжмани со автобуски превоз за островите Kрф и Лефкада за 109 и 129 евра. Се нуди и десетдневно сместување во хотел во Анталија со 3 ѕвездички со „ол инклузив“ услуга и авионски превоз за 299 евра, но и десетдневен аранжман во хотел со 5 ѕвездички и „ултра ол инклузив“ за 699 евра, при што првичната цена била околу 900 евра. Може да се најде и седумдневен аранжман во хотел на Хвар со с` вклучено за 170 евра.
Dnevnik