На градските гробишта во Куманово денеска беше погребан пилотот Марјан Трајковиќ (47), кој пред три дена, со уште тројца колеги, загина во хелихоптерската несреќа кај Струмица.
Со сите воени и црковни почести, од Трајковиќ за последен пат се простија неговите најбиски, роднини, пријатели, колеги и моторџии.
Беше човек со насемеано лице. Марјан беше голем човек и се воздржуваше од секаква осуда, беше многу скромен и не се фалеше со својата професија. Зборуваше малку а правеше многу, сите што го познаваа знаат дека тоа го красеше Марјан. Сега ни останува тагата и болката, но неговите најблиски можат да се гордеат што имаа таков син, сопруг и татко. Маце вечно ќе живееш во нашите спомени и нашите срца, – рече во прошталниот говор негов пријател од моторџискиот клуб Соколи.
Трајковиќ завршил средно воено училиште во Мостар, а воздухопловна академија во Задар. Како воен пилот во АРМ работел 10 години, а во 2002 година преминал во МВР.
Како пилот ти беше дадена довребата да ги обучуваш младите колеги. Секогаш беше несебичен во пренесувањата на своите знаења и искуства. Имаше желба твоите ученици да знаат и да можат повеќе од тебе.
Беше задоволство да се работи секојдневно со тебе, секогаш беше тука за нас, позитивен со ведар дух, веруваше дека секој проблем може да се надмине. Денеска сите сме со тебе да ти одадеме почит, но не да се збогуваме. Професионалците како нашиот Марјанчо оставаат неизбришлива трага во МВР и секој од нас ќе продолжи да ја следи твојата стручност и посветеност во летањето. Свесни сме дека твојата прерана смрт е огромна загуба за МВР, а пред се за твоите најмили, но овие најтешки моменти утеха нека им биде твојата големина како човек и вистински колега и пријател, – рече во прошталниот говор Јордан Ламановски, началник на СВР Штип.
Трајковиќ за година ипол требало да замине во пензија и сакал да му се посвети на неговото хоби, патување со мотор.
На погребот присуствуваше и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска.