Новинарските организации се револтирани од измените на Изборниот законик во делот за медиумите и двојното зголемување на глобите со што, како што сметаат, дополнително ќе се зголеми притисокот врз медиумите. Изедначувањето на казните кон различните медиуми ќе може да значи затворање на некои печатени или интернети медиуми. Од заедничката прес конференција пред Клубот на пратениците беше упатено остро предупредување до политичарите.
-Ако не се укинат казните и не бидеме вклучени во преговорите, ќе има протест пред Клубот, а ќе можат и самите без новинари да прават избори, рече Селмани.
-Сакаме да им порачаме на оние кои не` доведоа до ова дереџе да бидеме со најмали плати во регионот дека нема да дозволиме со пазарења да ни ја кројат судбината, рече Тамара Чаусидис, претседател на Синдикатот на новинари и медиумски работници.
Реагираше претставникот на ВМРО-ДПМНЕ во преговорите на работните групи Илија Димовски. Рече дека неговата партија се залага да нема нивелирање на глобите, казните да се намалат и да се води сметка за гоелмината на медиумот.
-Став на ВМРО-ДПМНЕ не е за зголемување на казните, туку тоа е став на некоја од другите три партии, рече Димовски.
Тој беше прашан од претседателот на ЗНМ дали ВМРО-ДПМНЕ се согласува за учество на новинарите во преговорите.
-ВМРО-ДПМНЕ нема проблем, но во преговорите не е само нашата партија, има и други страни па не можам да кажам, рече Димовски. И Ванхауте размени мислења со новинарите. Призна дека се политизирани сите прашања. Мора да престамеме да регулираме се, не треба да одредуваме колку вработени да има една приватна телевизија, или колку минути музика мора да се пушти на програмата, или пак, да забрануваме рекламирање, рече Ванхауте.