27-годишниот И.А. заработи кривична пријава поради сторени кривични дела „фалсификување на исправа“ и „злоупотреба на службена положба и овластувања“.
Кривична пријава е поднесена и против 51-годишниот И.В., косовски државјанин за сторено кривично дело „фалсификување на исправа“.
Пријавените делото го сториле на тој начин што, косовскиот државјанин И.В. стапил во контакт со непознато лице кое му ветило дека за сума од 1.500 евра, ќе му обезбеди изработка на оригинална македонска патна исправа, со која непречено ќе може да патува во земјите на Европската Унија. По остварениот договор, во текот на јули 2012 година, И.В заедно со НН лицето од Косово (како посредник), оствариле средба со И.А. (тогашен вработен како ОСЛ – Референт за патни исправи во Одделот за граѓански работи), кој свесно го примил пополнетиот образец – барање на кое се наоѓале податоци од друго лице – македонски државјанин, кој е иселен од Македонија во 1982 година и извршил фотографирање и земање на папиларни линии од косовскиот државјанин – И.В.
По одреден период, И.В повторно дошол во Скопје, каде во зградата на МРТВ – Оддел за граѓански работи, без да му бидат побарани документи за идентификација, му била врачена македонската патна исправа, на која била ставена негова фотографија, а податоците се на друго лице – македонски државјанин. Во периодот од 16.07.2012 година до 10.06.2014 година, И.В. ја користел македонската патна исправа за влез и излез во Република Македонија и во други држави.
На почетокот на месецов, односно на 02.06. од страна на полициските служби на Косово, доставено е барање до македонските полициски служби со известување дека во Косово се води активна истрага за лицето И.В. и доколку истото се пријави на влез во Република Македонија, да се изврши негова проверка.
Минатата недела, односно на 10 овој месец на ГП Долно Блаце, И.В. направил обид за влез во Република Македонија, при што ја приложил својата косовска патна исправа, но истиот е задржан и со него е извршен службен разговор. Во текот на разговорот, утврдено е дека И.В. поседувал и македонска патна исправа, која е побарана на увид и по откривањето на делото, лицето е лишено од слобода, додека патната исправа е одземена со Потврда за одземени предмети.