Бродот „Серенисима“, на кој работела прилепчанката Дениса Маркоска (23), која исчезна во петокот, додека пловеле кон грчкиот остров Kрит, нема камери, што ја отежнува истрагата за нејзината судбина. Грчката полиција претпоставува дека таа паднала во морето помеѓу островите Родос и Kрит, но истрагата треба да покаже дали девојчето е здраво и живо, пренесува Дневник.
Сите се молат за овој епилог, а не само семејството и блиските. Сепак локалната полиција истражува и други можности, таа да извршила самоубиство, дали случајно паднала во водата или била убиена. Во отсуство на очевидци и без камери на бродот, многу тешко ќе биде да се утврди што точно се случило на палубата на „Серенисима“.
Во меѓувреме, семејството на исчезнатото девојче бара истрагата да биде поинтензивна, бидејќи, според нив, полицијата направила многу пропусти.
Според Kире Маркоски, татко на Дениса, голема грешка во истрагата било тоа што полицијата не ги задржала за испрашување 110 патници на бродот откако „Серенисима“ се закотвил на пристаниште во Kрит. Полицијата ги испрашала само капетанот, кој го пријавил исчезнувањето на Маркоска уште пред да пристигне бродот на Kрит, и екипажот. Потоа Центарот за координација, истражување и спасување издал наредба да почне потрага по Дениса, а во која освен полициски, биле ангажирани и приватни бродови и глисери, но и хеликоптер.
Еден од офицерите на бродот, Хрватот Иво Домљан, во разговор за телевизијата „Kанал 5“ потврдил дека на „Серенисима“ има само една камера, и тоа на влезот. Според него, бродот, кој е долг нешто повеќе од сто метри, бил целосно пребаран неколкупати. Тој објаснил дека на „Серенисима“ работат голем број Македонци, кои се дружеле.
Kолега на Маркоска, кој завчеравечер дошол во Прилeп, на родителите им ги предал нејзините лични работи, меѓу кои и подароците што таа ги купила за нив. Мобилниот телефон, кој бил пронајден на задниот дел од палубата, каде што последен пат била видена, како и пасошот, се задржани од полицијата.
Тој донел и кратко писмено известување од руската компанија „Волгадрим“, сопственик на „Серенисима“, од каде што изразиле жалење за судбината на исчезнатата хотелска работничка.
Според тоа што досега е познато, Маркоска со поголем број членови на екипажот била на палубата, каде што останале до 2 часот. Нејзин колега ја видел последен пат околу 3 часот како пуши цигара. Дениса утрото во 5.30 часот не се јавила на работното место, по што почнала потрагата.
Родителите на девојчето велат дека последен пат се слушнале со Дениса во четвртокот, кога им пратила куса порака преку „Фејсбук“ дека нема да можат да комуницираат извесен период. Претходно за нејзиниот роденден на 7 септември им се јавила на родителите и ги информирала дека потпишала нов договор и оти ќе ја продолжи работата на истиот брод до 2015 година.
Девојката ги познавала сите членови на екипажот
Девојката на „Серенисима“ работела две години, па ги познавала речиси сите членови на екипажот. На истиот брод работел и нејзиниот брат, па таа тргнала по него, но не успеале и овој пат да останат заедно оти тој заминал на друг брод.
Од македонското МНР потврдуваат дека преку Амбасадата во Атина се во контакт со кипарските власти.