Полицијата почнува привремено да одзема возила со бугарски или други странски таблички кои се влезени во земјава пред повеќе од шест месеци, поради непочитување на законската процедура. Првата акција била вчера во Штип, известува „Во Штип“.
Во акциска контрола на полициски службеници при СВР – Штип во соработка на Царинска испостава – Штип биле контролирани возила со странски регистарски ознаки привремено влезени во земјава. При контрола привремено се одземени возила поради непочитување на регулативите, односно пречекорување на временските рокови на управување странско возило на територијата на Република Македонија т.е. истите престојувале во државата повеќе од 6 месеци изминатата година, објасниле за порталот од СВР Штип.
Во Штип пишува дека биле одземени 30 возила, а акцијата ќе се спроведува во целата земја. За понатамошната судбина на привремено задржаните возила ќе одлучува Царинската управа, велат од СВР – Штип.