Попоски:Сите се свесни дека ќе добиеме ново вето од Грција


Република Македонија и Европската комисија се свесни дека на јунскиот Самит на Европскиот совет нашата земја повторно ќе биде блокирана од страна на Грција во добивањето датум за почеток на пристапните преговори за членство во Европската унија, пренесува МИА

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, ова е заклучокот од разговорот меѓу македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски и директорот на Директоратот за проширување на Унијата Стефано Санино, што денеска се одржа во европската престолнина во рамки на еднодневната работна посета на Попоски.

27052013135245_poposkiШефот на македонската дипломатија, по завршувањето на состанокот, во изјава за МИА го потврди она во што се сигурни нашата земја и неформалната влада на ЕУ која пет години по ред дава позитивни препораки за старт на преговорите со Македонија.

– Носењето на одлуката за почеток на преговори за нас е многу јасна, а и очекувањата на Комисијата се на иста линија. Извесно е дека Република Македонија долг временски период заслужува да ги почне преговорите и исто толку е извесно дека Република Грција не е подготвена за поддршка, а без нејзина поддршка тоа не може да се случи, истакна Попоски, потсетувајќи дека пред десет години е дадено ветувањето за проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан.

Тој смета дека одговорноста колку што е на страна на земјите-кандидати, толку е и на страна на земјите-членки за да се задржи кредибилитетот на овој процес.

– Од наша страна е значајно да го задржиме фокусот на оние неколку полиња, особено владеењето на правото каде подолг временски период ќе ни требаат реформи кои се најзначајни за земјите-членки да ја поддржат секоја одлука што ќе следи во периодот кој доаѓа, констатира македонскиот министер за надворешни работи.

greece_fyrom_flags26Според Попоски, на средбата со Санино најмногу разговарале за следниот период и како на најдобар начин Македонија да го искористи за натамошно придвижување на процесот. Притоа, во најголем дел се разговарало за реформите врз кои е заснован Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД) и што уште може нашата земја да стори во тој дел.

– Политичкиот дијалог, секако беше тема, со подобрувањето на сите прашања кои во изминатиот период ни одзедоа многу време и енергија, а кои може да ни го засилат досието во Брисел и периодот кој сака да го искористи Комисијата за подобро планирање и програмирање за искористување на европските средства во Република Македонија, односно ИПА-фондовите, вели министерот Попоски.

Според него, со првиот оперативец за проширување на ЕУ констатирале дека во иднина нашата земја ќе може да се посвети повеќе на она што е значајно за Република Македонија и да ги надмине предизвиците поради кои изминатиот период се изгуби време за натамошен напредок. Притоа било споменато и (не)формирањето на Комисијата што ќе треба да ги расчисти настаните од 24 декември 2012 година, при што македонскиот министер изрази надеж дека во иднина ќе може да се види некакво придвижување и конструктивни гестови од страна на македонската опозиција.

Во рамки на посетата на Брисел, Попоски вечерва ќе присуствува на традиционалната вечера на високиот претставник за надворешна и безбедносна политика Кетрин Ештон со министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ плус министрите од земјите-кандидати.

Според Попоски, на оваа вечера шефовите на дипломатиите ќе се осврнат на сите приоритети кои се видливи на ниво на Унијата, безбедносните прашања, предизвиците на домашна сцена, како и тоа што ЕУ може и во овие кризни периоди да даде дополнителна динамика на европската агенда и да биде над националните.

– Таа размена ни е секогаш корисна оти може во присуство на земјите-членки да ги изнесеме нашите видувања и да добиеме директен одговор од земјите што се во ЕУ и оние кои ја подготвуваат агендата за следниот период за тоа кои се очекувањата, констатира министерот Попоски.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1