Литванските власти официјално започнаа потрага по пратеничка, која треба да биде испитана во врска со педофилски скандал кој последниве три години ја тресе земјата.
Неринга Веникјене, на која парламентот неодамна и го одзеде пратеничкиот имунитет, веќе неколку дена не е видена во јавноста, објави АП.
Скандалот изби во октомври 2009 година кога братот на пратеничката Дразијус Кедис наводно убил двајца мажи кои ги обвинил дека ја злоставувале неговата ќерка. Шест месеци подоцна Кедис е пронајден мртов под неразјаснети околности.
Веникјене била судија, а минатата година беше избрана во Парламентот како пратеник на антипедофилската партија, посветена на нејзиниот брат.
Истражните судии кои веќе неколку недели се обидуваат да ја испитаат денеска објавија официјална потрага, откако не ја пронашле ниту дома, ниту на работа.