Полицијата ги чува куќите и становите на кавадарчани за кои се претпоставува дека биле во конфликт со осомничениот и на оние кои биле поврзани со бракоразводната постапкана Тони Станоев по завчерашниот масакр во куќата на својата поранешна сопруга, а за кој е осомничен, пишува Дневник.
Не е познато дали тие самите побарале заштита или полицијата во отсуство на мотивите за злосторството превентивно реагирала за да ги заштити. Дознаваме дека станува збор за лица што од различни причини биле во конфликт со осомничениот, како и за лица што биле поврзани со бракоразводната постапка на Станоев со Данче Леова (35), чии родители и сестра ги застрелал.
Неговата поранешна сопруга не била дома, па не е познато дали имал намера да ја убие и неа или само родителите. Тој со по еден куршум во срцето ги застрелал Илија и Билјана, како и нивната помала ќерка Снежана (33), која била таму. Неофицијално, мајката загинала во обид да ја спаси ќерката од убиство. Нивните тела ги пронашла Данче, која повикала полиција. Дека сите тројца имале влезно-излезни рани во близина на срцата, за „Дневник“ потврдува доктор Антоан Паракеов, началник на кавадаречката Итна медицинска помош.
– Лекарите на нашата служба на самото место констатирале смрт на родителите. Имале по еден истрел, прострелни рани во градниот кош. Со знаци за живот била пронајдена нивната ќерка, исто така со прострелна рана во градите. Со Итна помош и соодветно давање помош веднаш била транспортирана до кавадаречката општа болница на хируршкото одделение, каде што исто така ~ била укажувана помош. Но, за жал, и таа им подлегнала на повредите во болницата -вели Паракеов за весникот
МВР ги демантира шпекулациите дека тој бил вработен во полицијата и оти пукал со службен пиштол. Од Министерството велат дека во засилената потрага се вклучени сите организациски единици на полицијата, како и граничната полиција.
Главна тема во градот на виното вчера беше убиството, кое ја потресе и пошироката јавност. Kавадарчанец ја опишува страшната глетка во кавадаречката болница.
– Седеше жена целата облеана со крв, по панталоните и блузата. Плачеше и викаше дека нејзиниот поранешен маж пукал во нејзините. Беше очајна. Оваа морничава слика никогаш нема да ја заборавам – рече млад кавадарчанец.
Полицијата го пребарува Kавадарци, а кавадарчани се во страв.
– Страв ми е да излезам во чаршијата поради фактот што убиецот е с` уште на слобода. Еден мој другар бил во градскиот парк синоќа, а полицајци му рекле да бега накај центарот, каде што има народ. Врие од полиција, пребаруваат насекаде – вели друг кавадарчанец.
Сите што ги познаваат убиените имаат само добри зборови за нив и нивното семејство, но и колеги на убиецот или луѓе што го познаваат жалат за трагедијата, бидејќи имаат убаво мислење за него и не им се верува дека се одлучил на такво нешто.
Повеќе прочитајте во ДНЕВНИК