Десетици илјади незаконски прислушувани разговори пронајдени во компјутерите на осомничените во „фабрика за афери“. Информацијата која вчера ја објавија медиумите денеска официјално беше потврдена и од Основното јавно обвинителство.
Заменик Јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Јован Цветановски во изјава за медиумите рече дека пронајдените телефонски разговори ќе бидат вештачени во обемна истрага која ќе се спроведува во наредните 2 месеци.
Тој не сакаше да открие чии разговори се прислушувани и какво е нивното потекло, бидејќи како што рече, станува збор за навистина обемен материјал.
Цветановски потврди дека пронајдените машини за фалсификување лични карти како и материјалите пронајдени во компјутерите на осомничените соодветствуваат со оние кои ги пријави неделникот Фокус во наводната афера за фалсификувани лични карти, но и со материјалите од аферата со фалсификуваните пасоши од ноември, минатата година.
Обвинителот потврди дека се води истрага против три лица и дека за сите се издадени мерки за обезбедување. Освен првото лице кое се наоѓа на отслужување затворска казна за друго кривично дело, на останатите две лица им се одземени патните исправи.
Press24 вчера објави дека во компјутерот на прво осомничениот Захир Бекири биле пронајдени 70.000 незаконски прислушувани материјали од македонски политичари во фолдер именуван „СДСМ-Заев“
Лидерот на СДСМ призна дека лицето Захир Бекири е член на СДСМ и дека има редовни средби со него. Дека имал средби со осомничениот за овој сериозен криминал не демантираше ниту министерот за внатрешни работи и Генерален секретар на СДСМ, Оливер Спасовски.
Освен фалсификуваните лични документи, осомничените според информациите од истрагата фалсификувале и бугарски пасоши со имињата на премиерот и останати високи функционери за да можат да ги обвинат дека земале пасош од друга држава пред изборите и да и обезбедат политичка предност на СДСМ. Со иста намера се готвеле и фалсисфикувани банкарски изводи со кои требало да се манипулира јавноста дека високи државни функционери префрлаат огромни суми на пари во швајцарски банки.