Двајца полицајци се повредени во Радовиш додека спречувале истовар на огревно дрво. Полицијата соопшти дека инцидентот се случил вчера во 13.15 часот на улицата Шаин Маале во Радовиш кога патрола од тројца полицајци забележала како две непознати лица од возило „лада“ без регистарски ознаки, растоварале дабови огревни дрва.
Полицајците се обиделе да ги спречат двете лица да ги растоварат дрвата, но еден од нив со тупаници нападнал еден од полицајците. Полицаецот од ударот во глава паднал на земја. Неговиот колега се обидел да му помогне , но и тој добил удар со дрво по десната нога.
По настанот насилниците се качиле во „ладата“ и побегнале.
Полицијата од Радовиш подоцна ги пронашла и привела А.С. (27) и И.Р. (21), двајцата од Радовиш.
Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.