Целосно е изгаснат пожарот во кој денеска напладне изгореа пет куќи во старото градско јадро, во центарот на Струга.
Командирот на Противпожарната единица во Струга Минир Мамуди информира дека екипи се на терен и ја следат состојбата. Според него, три куќи целосно се изгорени, а две се опожарени.
– Во моментот има само чад. Целосно изгореа три стари куќи во кои никој не живее, а две се опожарени. За среќа нема повредени, изјави Мамуди.
Граѓани очевидци изјавуваат дека се запалила некоја од старите куќи по што пожарот се проширил на другите. Проблем во гаснењето, велат, е ограничениот пристап зашто многу несовесни граѓани ги паркираат автомобилите и противпожарните возила не можат да интервенираат.
Гаснењето на пожарот беше отежнато поради тесните улички и збиената архитектура. Во гаснењето учествуваше цела екипа на Територијалната пожарна единица во Струга екипи од Охрид, Јавното комунално претпријатие „Проаква“ од Струга и локалното население.