Поранешниот чилеански репрезентативец Иван Заморано и неговата сопруга се полесно повредени откако доживеале сообраќајна несреќа во Буенос Аирес.
Заморано управувал со својот автомобил кога се судрил со друго возило на „Авенија 9.јули“ во аргентинската престолнина, соопшти полицијата.
Тој поминал со полесни повреди, но неговата сопруга со хеликоптер била префрлена во болница, а по неколку часа била пуштена на домашно лекување.
Заморано (48) е еден од најдобрите чилеански фудбалери на сите времиња. Врвот на својата кариера го остварил во Реал Мадрид тим за кој во периодот од 1992. до 1996 година на 173 мечеви постигнал 101 гол.
За селекцијата на Чиле настапуваше во периодот од 1987 до 2001 година и постигна 39 голови на 69 мечеви. Напаѓачот во својата кариера има играно уште за Кобресал, Сент Гален, Севиља, Интер, Клуб Америка и Коло Коло.