Свети Климент Охридски е најдаровитиот ученик на рамноапостолните сесловенски браќа Кирил и Методиј. Живеел во втората половина на IX век и првата четвртина на X век. Со своите уши тој ги слушал нивните божествени евангелски зборови, и со своите очи ги гледал нивните богоозарени ликови и евангелски дела.
Свети Климент се родил околу 840 година некаде во Македонија. Некои историчари сметаат дека се родил во Солун, или во неговата околина, а тоа го поврзуваат со фактот дека уште како млад бил повикан од Светите браќа Кирил и Методија во нивната мисија (што значи дека најверојатно живеел во нивна близина).
Подоцна, тој учествувал и во преведувањето на светите богослужбени книги од грчки на црквенословенски јазик. Заедно со светите браќа отпатувал во Панонија и Моравија, каде живо учестувал во мислијата за словенска богослужба и словенско Православие. Бил еден од истакнатите учители на младенците од Моравија и Панонија, кои се подготувале за свештеници и ѓакони.
Неговите мошти се чуваат во охридската црква „Свети Климент“ – „Света Богородица“ – Перивлептос во Охрид.
Свети Климент е закрилник и патрон на македонскиот народ низ целата негова историја. Тој е патрон на Македонската Православна Црква, на Македонската Православна Богословија и Богословскиот факултет, како и на голем број просветни и научни институции во нашата земја. На него се посветени и голем број новоизградени цркви и манастири во европските и прекуокеански земји.
Св. Климент бил и првиот епископ словенски со титула епископ велички.