Лекарите се борат за животот на фрленото бебе, кое било жртва на ѕверско изживување. Од милост му дале име Најден зашто имал среќа што го нашле жив, пишува Дневник.
Бебето што завчера беше пронајдено во грмушки во двор на семејна куќа во скопско Арачиново, штотуку родено, а жртва на ѕверско човечко изживување, со пресечен јазик и со тешки телесни повреди, од вчера е во подобра здравствена состојба, но с` уште критична, потврдија од Kлиниката за детски болести во Скопје.
– Најденко од вчера е во стабилна состојба. Малку изгуби од тежината, но тоа е очекувано и нормално. Поради повредите, не можеме да го храниме соодветно на возраста, туку со цевче храната директно оди во желудникот. Во овој момент никој не може да каже дали детето ќе има и други последици и како ќе напредува. С` уште е рано да се зборува колку е оштетен мозокот и колку време бил без кислород. Kај некои деца таквата состојба полека се надминува, но кај некои е непоправливо. Најден го следиме 24 часа и како тим ќе дадеме максимум тој да успее – вели директорката Софијанова.
Додека лекарскиот тим од детската клиника се бори за животот на бебето, од МВР велат дека с` уште трагаат по сторителите и родителите на бебето. Од МВР с` уште немаат одговор како новороденчето се нашло во дворот, ниту кои се родителите, и додаваат дека вршат интензивна истрага.
Лекарите велат оти Најден најверојатно е роден во 36. недела и тежок 2.380 грама. Бебето беше во критична состојба и до вчера дишеше со помош на апарати.
Дневник