Премиерот Никола Груевски го тужи претседателот на НСДП, Тито Петковски за клевета затоа што во октомври минатата година за неделникот Фокус изјавил дека Груевски со официјално писмо до генералниот секретар на Обединетите Нации во 2008 предложил новото име да биде Република Македонија – Скопје.
Тоа се измислени факти, се вели во во тужбата, во која се бара Петковски да плати отштета во висина од 15 илјади евра за нанесување штетна на честа и угледот на Груевски, пренесува телевизија „Телма“.
“Мојот предлог Груевски јавно да соопшти, односно да го повтори својот став од 2008 година, Груевски го доживеа како штетно по неговиот углед и чест. Особено што тужителот секогаш изјавува дека нема да прифати ниту едно решение за проблемот на името без спроведување референдум.
Повредата на честа и угледот цитирам „кај тужителот предизвика јака душевна болка која може да се излекува само со 950 000 денари или со 15 000 евра. Се разбира таквата душевна болка нема наод на вешто лице – психијатар. Искрено, се до овој момент живеев во убедување дека парата не ја лечи душата.“ – изјави Петковски.
Петковски објаснува дека во својата изјава за неделникот Фокус, мислел на писмото на тогашниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски што во име на Владата го доставил до Обединетите Нации. Тој се чуди и зошто Груевски не реагирал на неговата изјава во 2011 година кога уште поостро побарал јавно да им се извини на граѓаните затоа што ги лажел и да поднесе оставка, но се почуствувал наклеветен две години потоа.
“Ова е порака до сите. Кој ќе каже мислење поинакво од неговото- ќе сноси последици“ – вели Петковски.
Првото рочиште по тужбата на премиерот Никола Груевски против Тито Петковски ќе се одржи денес.