Три лица се уапсени и задржани во полиција по синоќешната престрелка во Тетово. На инцидентот му предходела расправија во едно од казината во центарот, помеѓу 34 годишен тетовец од една страна, и уште две 43 годишни лица, едниот исто од Тетово, другиот од Лавце. Откако излегле надвор, започнало пукањето.
Во синоќешната престрелка во строгиот центар на Тетово, се пукало и од пиштоли и од автоматски пушки. За среќа, освен материјална штета, нема повредени во инцидентот.
Куршуми завршиле во три трговско-угостителски објекти, оштетени биле и две возила, како и балконска врата од стан во зграда во центарот.
Никој од околните објекти не сакаше да зборува пред камера. Граѓаните пак, изразуваат загриженост за се почестото насилство низ улиците.
Полицијата бара уште десетина други лица, за кои се претпоставува дека се вмешани во престрелката. Увидот е завршен, а истрагата продолжува се додека не се утврдат причините за инцидентот.