Од утринава се вршат претреси на десетина локации, поради нова акција на Одделот за организиран криминал при Бирото за јавна безбедност – МВР. Во рамките на истрага за сомнителни финансиски трансакции и можни злоупотреби поврзани со приватна болница и Фондот за здравствено осигурување.
Според првичните неофицијални информации, со акцијата опфатени се одговорни лица од приватна болница и вработени во Фондот за здравствено осигурување, осомничени за повеќе кривични дела, меѓу кои злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата, измама и перење пари.
Меѓу лицата опфатени со полициските активности, според првичните информации, се поранешни директори, поранешен претседател на Управниот одбор на Фондот, поранешни раководители во оваа институција, како и сопственик на приватна болница.
Според неофицијалните сознанија, штетата врз буџетот надминува 1,5 милиони евра, додека противправно стекнатата имотна корист за приватната болница се проценува на околу четири милиони евра.
Во случајот, според истите информации, се опфатени и сомнежи за оштетување на поголем број пациенти кои се лекувале во болницата.








