Во германскиот логор на смртта Равенсбрук биле убиени 50.000 жени. Само во текот на еден викенд биле убиени 2.500 жени во гасните комори.
Катарина Ваиц е една од ретките затворенички во овој концентрационен логор, која за момент успеала да побегне. Таа завршила во логорот бидејќи била Ромка, и за Хитлер била само изрод кој ја загадува ариевската раса. Првите два обиди за бегство биле безуспешни, и поради нив таа била мачена со месеци. Но, се обидела повторно, и во мракот ги искористила своите циркуски вештини за да се качи на оградата и преку бодликавата жица да побегне во шумата, пишува Daily Mail.
Но, на слобода минала само три дена и три ноќи. За тоа време дел од жените во логорот морале да седат мирно, без поместување на мускул и без храна. Четвртото утро таа се вратила цела крвава, со рани нанесени од кучиња.
Ја „фрлиле“ назад во нејзиниот блок, а на затвореничките им кажале да прават со неа што сакаат. Тие ја претепале до смрт, и ја завршиле валканата работа наместо чуварите.
Страшни злосторства
Во текот на шесте години, колку што постоел Равенсбрук, многу жени претрпеле слична судбина. Тие биле изгладнувани, претепувани, врзувани, стрелани, труени, па дури и палени живи во крематориум.
Злосторствата кои биле престрашни дури и за нацистичка Германија, брзо станале дел од историјата и паднале во заборав, па 75 години подоцна во голема мерка се вистинска мистерија.
Но, низ вратите на логорот минале 130.000 луѓе, а 50.000 од нив биле убиени. Точниот број веројатно засекогаш ќе остане непознат. Во последните денови од постоењето на логорот, биле запалени списите за затворениците, заедно со нивните тела, а пепелта била фрлена во езеро.
За оние кои преживеале било невозможно да ги опишат злосторствата кои ги преживеале.
Кога пристигнале се смееле
Чуден е фактот дека првите затвореници кои пристигнале во логорот во мај 1939. година почнале да се смеат. Наводно тие таму биле одведени од темните делови на Германија и по долго време виделе езеро и го почувствувале мирисот на боровите.
“Нашите срца скокаа од радост”, се потсетила Лиса Улрих.
Во логорот ги забележале и креветите, но илузијата била уништена во секунда. Се појавиле чувари со кучиња кои ги навредувале и ги нарекувале со погрдни зборови. Цело време пристигнувале наредби, а неколку затворенички паднале под притисокот. Оние кои се обиделе да им помогнат биле претепани. Едно од правилата било дека помагањето на друг е прекршок. Секој ден бил исполнет со гласни сирени, наредби и правила. Условите во кои живееле биле до толку нехумани, што се чувствувале како “да влегуваат голи во кафез со диви животни”.
Дисциплината ја одржувале чуварите, но и затвореничките кои биле подготвени да ги следат сите наредби. Тие често знаеле да бидат полоши и од самите стражари.
Инаку, жените морале да се будат веќе во три часот во ноќта и со часови да стојат надвор во зима.
Строј на смртта
Равенсбрук на почетокот бил наменет за Германки уапсени поради ситни злосторства или оние за тие кои се противеле на режимот. Покрај проститутки, затвореничките биле и лекарки, оперски пејачки, политичарки. Подоцна во кампот завршувале и жени од земјите кои нацистите ги окупирале. Многу од нив биле членки на отпори и непријателски агентки. Равенсбрук бил строј на смртта кој бил дизајниран да убива.
Над затвореничките биле вршени и медицински експерименти. Меѓу омилените биле внесување на бензин или фенол во нивните вени.
Хајнрих Химлер бил убеден дека војниците ќе бидат подобри доколку имаат редовни сексуални односи. Затоа од лекарите во логорот барал да пронајдат начин војниците да имаат односи без да се заразат со сексуално преносливи болести. Експериментите бил вршени над проститутките во Равенсбрук. Целта била да се пронајде лек за гонореја и сифилис. Иако докази за овие тврдења нема, на жените им бил внесуван сифилис преку рбетниот мозок.
Крајно понижување
Жените кои го преживеале хоророт, се разбудиле на 30 април 1945. година со звуците на руските топови. Чуварите побегнале од сојузниците, а жените ги дочекале со црвени транспаренти.
Но, нивните „ослободители“, Црвената армија, донеле нов ужас – силување. Надиа Василјева се потсетила дека војниците ги поздравиле, а потоа се претвориле во животни. Германците не ги силувале, бидејќи за нив биле “свињи”, раскажала една од преживеаните. Но, сепак тоа го направиле руските војници.
Откако го преживеале хоророт против сите изгледи, жените од Равенсбрук на овој начин го доживеале конечното понижување.