Само парче од скината лента „Стоп полиција“ падната во снегот пред вратите од гаражата под куќата број 13 на улицата Христо Татарчев 20 вчера сведочеше дека таму се случила трагедија, во која згаснаа два млади животи, пишува ДНЕВНИК.
Само неколку часа откако заедно ја пречекале Новата година, Александра Јованова (23) и нејзиното момче Димитар Стојчевски (23) трагично ја завршија својата врска во автомобилот „опел корса“, паркиран во гаражата на семејството Стојчевски. Kобен за двајцата млади бил јаглеродмоноксидот од гасот што согорувал во затворената гаража додека Александар и Димитар спиеле стоплени од студот.
Димитар само што се вработил како дистрибутер во една фирма за кафе, а Александра се пријавила на конкурсот за полицајци. Двајцата биле во врска повеќе години.
– Не знам зошто воопшто останале во гаражата. Александра беше како дел од семејството. Немало потреба да се кријат од некого. Зошто мораше ова да се случи? – вели соговорничката.
Според соседите на починатото момче, тој и Александра биле на прослава на новогодишната ноќ во стан во Kисела Вода. Утрото околу седум часот се вратиле дома. На враќање, во „корсата“ бил и другар на Димитар, кого го оставиле на една од улиците во Припор. Двајцата продолжиле до домот на Димитар, кој го паркирал автомобилот во малата гаража 30 метри под куќата. Наместо да влезат во куќата, Димитар и Александра останале во автомобилот. Моторот на „корсата“ продолжил да работи за двајцата да се стоплат, но најверојатно заспале. Тоа било кобно за Александар и Димитар, кои се отруле со јаглеродмоноксид од гасот што согорувал од автомобилот, јавува Сител.
Токму поради долгата врска во која биле двајцата млади никој од населбата не сака ниту да помисли дека станува збор за самоубиство, освен за трагична несреќа.