Природен феномен во Долно Лисиче – 30-тина „парламентарци“ секојдневно заседаваат во двор


Парламентарци заседаваат во Долно Лисиче. Но не македонските народни претставници , туку таканаречени „парламентарни“ или мали ушести бувови. 30-тина претставници од овој вид птици се населиле на двата бора во дворот на семејството Блажевски. Се кријат во крошните на дрвјата, а поради бојата која им е иста со гранките едвај се забележуваат, јавува Алфа ТВ.

Screenshot_61

Членовите на семејството велат дека поголем број бувови и лани есента свој дом нашле во двата бора на дворот, но не направиле гнезда, туку само презимиле таму. Обично си заминувале со почетокот на пролетта. Не прават штета, само ги плукаат остатоците од храната и така прават ѓубре во дворот. Оваа појава им е особено интересна на членовите на Здружението на бувови.

„Нема штета. Си доаѓаат тука преку ден. Навечер се раздвижени, не прават врева, не прават ништо.Од здружението ни рекоа бувовите да останат тука зошто им е интересно да ги набљудуваат, да ги истражуваат“ – вели Роберт Блажевски, во чиј двор се населија бувовите.
Здружението на бувови утре ќе ја испитува целата област за да се обидат да најдат уште бувови на нови локации. Screenshot_59
Двата бора во домот на семејството Блажевски во Долно Лисиче се најголемото досега забележано засолниште на бувови во Македонија. 30-тината бувови дење мируваат, а ноќе ловат. Токму тоа е најголемата придобивка за семејството – што им е дворот чист, бидејќи главна храна на бувовите се токму глодарите. Еден був од овој вид јаде најмалку две глувчиња секоја ноќ.
„ Тука има околу 30. Тоа значи дека и до 100 глувци јадат“ – вели Роберт.
Љубителите на бувови велат дека преку зима овие птици бараат темно и сигурно засолниште за да ги поминат постудените денови онаму каде што им е најбезбедно. Кога ќе се стопли, тие повторно се враќаат таму каде што им се гнездата. Во главниот град ги има во Градскиот парк и во дворовите на неколку скопски училишта и градинки. Инаку животниот век на овој вид на ноќни грабливци е 17 до 18 години. Единствена закана за нивниот опстанок се отровите за глувци, како и нивните непријатели дневните птици како гавраните, чавките, орлите и соколите, кои ги убиваат, но не ги јадат.
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1