По објавата на прислушувани разговори на раководни лица од десетина невладини организации, оние на кои им беа поделени папки со транскрипти и ЦД-а од нивните прислушувани разговори, најавија дека правдата ќе ја бараат на законски начин, со барање отштета и во Судот за човекови права во Стразбур.
СДСМ објави уште една ткн „политичка бомба“ од „Кампот на слободата“, во кои според лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во Македонија „со години под палката на Сашо Мијалков и на премиерот Никола Груевски биле прислушувани повеќе од десет активни граѓански организации“.
Меѓу нив се „НВО“, „Хелсиншки“, „Транспарентост“, Отворено општество-Сорос“, „Цивил“, „Платформата за граѓанска политика“, „Ајде“, „Македонски центар за европско општество“, „Метаморфозис“.
Тој ги повика претставниците на невладиниот сектор да си ги земат папките со материјалите затоа што има случаи каде во една организација се слушани повеќе активисти.
„Никола Груевски ги поткопал основните начела за Уставниот поредок со прислушување на граѓанскиот сектор, тој ги загрозил основните граѓански и човекови права. Нема сектор каде Груевски не влегол со својата група соработници. Прислушувана е критичката маса на Груевски, прислушувале, анализирале, воделе досиеа за новинарите. На овој начин го држеле под контрола општеството и ја обезбедувале власта, со незапаметениот огромен скандал со прислушување“, рече Заев.
Дел од прислушуваните ја потврдија автентичноста на снимките, а сите се чувствуваат „повредени, силувано, непријатно…“.
„Иако долги години знаев дека сум прислушкуван и јас и моите колешки и колеги откако ми кажаа дека постои папка и ми кажаа дека го има тоа ЦД во кое се наоѓа огромен дел од мојата приватност, тоа е линијата на мојата работа искрено, лично, приватно, длабоко во себе се чувствувам на некој начин силувано, повредено. Се чувствувам гневно и разочарано, затоа што знам дека се уште огромен материјал се наоѓа во рацете на оние кои толку многу му згрешија на ова општество и на оваа земја. Тоа ме прави дотолку повеќе детерминиран да продлжам да го правам тоа што го правам. Чувството дека сум на вистинскиот пат, на страната на човековите права и слободи, уште една ми се потврдува“, рече Џабир Дерала, од ЦИВИЛ.
Најави дека ќе се консултира со колегите што го познаваат правото и ќе ги исцрпи сите законски мерки што ќе го доведат до права и ќе бара отштета за одвратното чувство што го има во моментот.
„Ова секако, не е изненадување, но е крајно непријатно, да се добие папка, со вашите разговори, факт дека сте еден од прислушуваните граѓански активисти и раководители на граѓански асоцијации. Ова е нешто што сите го насетувавме изминативе години, а денеска само се потврди. Мислам дека тоа укажува на еден диктаторски однос на власта кон граѓанското општество, бидејќи само во диктатурите граѓанските организации се сметаат за непријателски објекти или да бидат следени и прислушувани за да им се знаат плановите“, рече Бојан Маричиќ од МЦЕО, кој најви дека ќе се организира со другите случајот да стигне и до Стразбур.
„Ова се разговори којшто ги имам водено со новинари, којшто добивале или аплицирале за финансиска помош од страна на фондацијата. Сите до еден од разговорите се автентични. Непријатно се чувствувам и ми ја зајакнува желбата да го работам тоа што го работам“, рече Виолета Глигоровска од Отворено општество.
Заев најави и понатаму објавување на бомбите, доколку не биде постигнат никаков договор во среда во Брисел, или пак, преку институциите на системот, но вети дека јавноста секако ќе ја дознае „вистината“.