Единицата за недозволена трговија со дрога и оружје при Секторот за внатрешни работи Скопје до надлежното Основно јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против Ј.Ј.(40) од Скопје, полициски службеник, поради основано сомнение дека сторил кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“ предвидено и казниво по член 215 од КЗ на РМ.
На 19-ти овој месец при извршен претрес во неговиот дом пронајдени се 125 грама марихуана, како и семки од канабис. По извршеното вештачење на биолошки материјал земен од Ј.Ј., констатирано е присуство на метаболит на хероин во организмот.
Од страна на судија на претходна постапка од Основен суд Скопје на осомничениот му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди поведе дисциплинска постапка и Ј.Ј. ќе биде суспендиран од работното место до завршување на постапката.
Ова е втор случај во последниве 10 дена како полицаец е фатен во противзаконски дејства. Минатата недела полициски службеник од Кочани при спроведени посебни истражни мерки е фатен во недозволена продажба на дрога – марихуана по што од страна на јавен обвинител му е одредена мерка притвор од 30 дена.
Имено, врз основа на претходни сознанија и примена на посебни истражни мерки, на 11-ти овој месец во Кочани по наредба на јавен обвинител од страна на Министерството за внатрешни работи е спроведена акција во која е фатен полициски службеник при продажба на 26,2 грама дрога – марихуана. Осомничениот е задржан во Полициската станица во Кочани и во текот на вчерашниот ден е изведен пред судија на претходна постапка.