Продавачите во Македонија некултурни – не кажуваат „благодарам“


Во Хрватска 80 отсто од продавачите им се заблагодаруваат на купувачите, кај нас тоа го прават едвај 60 отсто. Словенија повторно е на тронот, а Македонија втора година по ред е на последно место по дополнителна продажба и заблагодарување на купувачите.

rabotnik nekulturenОд 17 мај до 22 јуни годинава, во соработка на агенциите „Свот рисрч“ за „Мастерс шопинг“ петти пат по ред се спроведе истражувањето за основни елементи на квалитет на услуга во регионот. Целта е да се подигне свеста за важноста на квалитетот на услугата, како и да се истакнат најдобрите во регионот.

Иако Македонија се наоѓа на истото четврто место, како и лани, вкупниот резултат за квалитет на услуга бележи пораст од 67,7отсто на 70,95 отсто, односно за 3,25 процентни поени. Оваа година Словенија повторно се враќа на првото место со 76,74 отсто, додека Хрватска падна за една позиција, на второ место со 75,85 отсто. Пред Македонија се наоѓа и Србија со 72,32 отсто, додека на дното на табелата се Црна Гора и Босна и Херцеговина со 66 отсто, односно 65,8 отсто.

Во Македонија вкупниот резултат за квалитет на услуга е подобрен во споредба со претходната година, меѓутоа се’ уште не можеме да се вратиме на високото второ место кое го постигнавме во 2011 година. Во анализата се констатира дека старите навики тешко се искоренуваат, па така повторно сме последни по дополнителна продажба и заблагодарување на купувачите. Во оваа категорија најдобри се хрватските продавачи, а најслаби Македонците. Само 60 отсто од нашите продавачи им кажуваат „благодарам“ на купувачите.

prodavnicaНајдобри резултати во земјава се постигнати во автомобилските салони со над 80 отсто исполнетост на стандардите, на второ место се туризмот и угостителството, следни се банките, на трето и телекомуникациските провајдери на четвртото кои забележаа резултати од 80 отсто. Под 70 отсто е услугата на бензинските станици и во малопродажните објекти, додека супермаркетите се стандардно најслаби во поглед на услугата со под 60 отсто. Доколку се земе предвид дека со ова истражување се мерат само основните елементи на услугата, може да се истакне дека има многу области за унапредување во стопанските гранки кои „живот значат“.

Најчесто поздравуваат Хрватите, 83,9 отсто, а најмалку Црногорците, 61 отсто. Во Србија се најдобри во утврдување на потребите 75,5 отсто, додека во Босна и Херцеговина се најслаби во оваа категорија 53,3 отсто. Во Црна Гора вработените најдобро ги познаваат производите кои ги продаваат, дури 100, додека во Босна и Херцеговина овој резултат е најслаб – 81,8 отсто. Дополнителни производи најмногу се нудат во Словенија 50,5 отсто, додека најмалку во Македонија – 38,3 отсто.

Истражувањето било спроведено во шест земји од регионот, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Македонија. Во рамки на проектот тајните купувачи посетија вкупно 800 различни објекти – автомобилски салони, туристичко-угостителски објекти, банки, малопродажни објекти, телекомуникациски компании, бензински станици и супермаркети. При тоа биле опфатени пет основни елементи на добра услуга, поздрав, утврдување на потребите, желбите на купувачите, познавање на производот, нудење дополнителен производ и заблагодарување за посетата.

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1