Богданка Кузевска си заминува од телевизијата 24 Вести поради серија несогласувања со менаџментот, пренесе НОВА. Отказот го дала деновиве, а од први Март повеќе не е дел од информативната програма на телевизијата.
Кузеска, за А1он вели дека дала оставка поради несогласувањата со менаџментот и притисокот околу начинот на работењето во информативната програма.
– Не бев консултирана околу клучните одлуки кои се носат во телевизијата, како главен и одговорен уредник. Не бев консултирана ни за отказот на уредникот Билјана Арсовска пред два месеци. Кулминацијата на несогласувањата беше со моето боледување поради хируршки зафат и се почна да наликува на силен притисок, кој не сакав да го трпам повеќе по што решив да ја напуштам функцијата и како уредник и како новинар – вели досегашната за А1Он Кузевска која додава дека освен притисокот била и парично казнувана од плата.
Пред Кузевска главен и одговорен уредник беше Боби Христов кој беше сменет од менаџментот, но остана во телевизијата, пред него како главен уредник а истовремено и управител на телевизијата беше Љупчо Цветановски во чие време од телевизијата противзаконски беа избркани околу 20 новинари. Тој исто така доби отказ и си замина од 24 вести по неколку месеци од поставувањето.
Пред неколку месеци без никаква најава отказ доби и Биљана Арсовска која беше во уредничкиот тим од самиот старт на телевизијата.
Прв главен уредник кој и ја формираше програмската шема на телевизијата беше Анита Петровска која исто така си замина од телевизијата застанувајќи зад избрканите новинари, не го дозволи притисокот, а за односот на менаџментот и јавно говореше. Неколкумина од избрканите меѓу кои и Петровска ја тужеа телевизијата и сите ги добија споровите и 24 вести ќе мора да им исплати оштета.