Продолжува седницата за избор на влада, гласањето најдоцна до полноќ


Собранието на Република Македонија ја продолжи седницата за избор на новата влада, а најдоцна до полноќ и да го изгласа предложеното решение со најмалку 61 глас

Расправата почна вчера, откако мандатарот Зоран Заев ја образложи владината предлог-програма.Заев најави реформи и промена во начинот на водење на политиката во Македонија. Напомена дека трите клучни цели ќе бидат економијата, професионалните институции и правдата, како и Европската унија и НАТО. Во фокусот на новата влада ќе биде и правосудството, сегмент во кој, како што истакна мандатарот, се планирани најсериозни реформи.

По обраќањето на Зоран Заев, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ оценија дека понудената владина програма е реално неостварлива, особено во делот на економијата, а предложените кандидати за министри немаат капацитет да одговорат на висината на задачата. Според СДСМ, пак, успехот и остварувањето на сите предвидени проекти се гарантирани зашто базираат на реални проекции и можности и зашто владиниот тим го сочинуваат луѓе докажани во својата струка.

Предлог-составот на новата влада е единствена точка на дневниот ред на втората седница на Собранието на Република Македонија. Владата треба да биде избрана два дена по почнувањето на седницата, односно најдоцна денеска на полноќ, а за тоа е неопходно да гласаат најмалку 61 пратеник.

Во новата влада, според предлогот-составот што го достави мандатарот Заев, министри ќе имаат СДСМ, ДУИ и Алијанса на Албанците, кои имаат мнозинство од 62 пратеници во 120-членото Собрание.

Радмила Шекеринска е предложена за министер за одбрана, Оливер Спасовски – за внатрешни работи, Драган Тевдовски – за финансии, Никола Димитров – за надворешни работи, Рената Тренеска Десковска – за образование и наука, Горан Сугаревски – за транспорт и врски, Љупчо Николовски – за земјоделство, Мила Царовска – за труд и социјална политика, Дамјан Манчевски – за информатичко општество и администрација, Роберт Алаѓозовски – за култура. Кочо Анѓушев е предложен за министер без ресор и ќе биде вицепремиер за економски прашања. За министри без ресор се предложени и Едмонд Адеми, Роберт Поповски, Аднан Ќахил, Самка Ибраимовски, Зоран Шапуриќ и Зорица Апостоловска.

Министри без ресор предложени од ДУИ ќе бидат Хазби Лика, Бујар Османи, кој ќе биде вицепремиер за евроинтеграции, и Рамиз Мерко. Садула Дураку е предложен за министер за животна средина и просторно планирање, Крешник Бектеши за министер за економија и Билен Саљији за министер за правда.

За министер за локална самоуправа е предложен Сухејл Фазлиу, додека за министер за здравство Арбен Таравари. Фазлиу и Таравари се предлози на Алијансата за Албанците.

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1