Прелиминарните истражувања на пронајдените примероци риба во Дојранското Езеро покажуваат дека станува збор за неавтохтон вид на риба што досега не е сретнат во езерото, кој што најмногу се храни со растителниот дел и не претставува опасност за луѓето и капачите во езерото.
Тоа беше посочено по состанокот во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на кој присуствуваа заменик-министерот Ванчо Костадиновски, градоначалникот на Дојран, претставници од Хидробиолошкиот завод од Охрид, Земјоделскиот инспекторат, Институтот за сточарство и стручни лица и експерт од Факултетот за земјоделство.
За каков вид риба точно станува збор ќе треба да покажат дополнителните испитувања, договорени со стручни лица за генетика при Факултетот за земјоделски науки.
Заменик-министерот Костадиновски посочи дека пронајдените два примерока во Дојранското Езеро не се својствени за езерото, но дека тие не претставуваат никаква опасност и дека нема простор за паника.
– Треба да се утврди за каков вид риби станува збор. Станува збор за состојба кога некој свесно или несвесно со цел да предизвика паника меѓу луѓето и туристите во Дојран сака да предизвика други штетни последици и му попречи на развојот на Дојран како туристичка дестинација, рече Костадиновски.
Посочи дека состојбата ќе се следи и понатаму, и дека е договорен мониторинг на месечно ниво на рибниот фонд во езерото и квалитетот на водата.
– Ние како Министерство и Влада ќе продолжиме со вложување во развојот на Дојран, како што покажаувме во изминатиот период и преку различни проекти се изградија системи за враќање на водостојот и преку вложувања во инфрастуктурата. Резултатите од тоа покажуваат дека има се повеќе туристи во Дојранското Езеро, изјави Костадиновски.
За ваквата состојба, продолжи Костадиновски, концесионерот на Дојранско Езеро веќе има постапено и државниот Инспекторат за земјоделие ќе постапи согласно закон и регулативи и ќе поднесе кривична пријава против непознат сторител за предизвикување штета и негативно влијание врз растителниот и животински свет во Дојранското Езеро.
Директорката на Институтот за сточарство Родне Настова, рече дека од концесионерот на Дојранско Езеро било доставено барање и примерок на риба што досега не е својствен за езерото.
– Прелиминарните истражувања на овој вид на риба покажуваат дека се работи за неавтохтон вид што досега не е сретнат во езерото. Утврдено е дека овој вид на риба не е опасен за луѓето и капачите во Дојранско Езеро, затоа што овој вид на риба најмногу го конзумира фитопланктонот, односно се храни со растителниот дел во езерото, и нема место за паника, изјави Настова.
Зоран Спирковски од Хидробиолошкиот институт во Охрид, рече дека станува збор за риба многу блиска до „пирана“ и потекнува од исто семејство.
– Се хранат претежно до растителни продукти, но може да биде предатор на одредени други видови риби и од тој аспект прозилегува нејзиното штетно влијание во даден биотоп што не е нејзина природна животна средина. Таа е типично топловодна риба и евентуалните ниски температури нема да и одговараат на понатамошниот развој, рече Спирковски.
Градоначалникот на Дојран Борче Стамов се заблагодари до Министерството за брзиот одговор и ангажманот за расчистување на новонастанатата состојба со двете уловени риби во Дојранското Езеро.
– Се работи за една кампања против Дојран и туризмот во Дојран, за која не можам да најдам никакво опрадвување. Доколку првото заплашување со квалитетот на водата кон средината на јули не успеа во целост да ја расипе летната туристичка сезона, сега и овој налудничав чин на пуштање релативно опасен вид риби, со мислења на стручната јавност се покажа дека не се загрозуваат капачите. Нема оправдување за таквиот чин, да се внесува паника и да се наруши летната туристичка сезона и туризмот, рече Стамов.
Според досегашните истражувања станува збор за два многу слични видови на риба, односно за „црвена пирана“ или „црвен паку“, за чие точно утврдување се потребни детални генетски истражувања.