Проститутките и шверцот имаат удел од 22,7 милиона евра во домашната економија


Проститутките и шверцот учествуваат со 0,3 отсто во македонскиот домашен бруто-производ или со проста математика имаат удел од околу 22,7 милиона евра во домашната економија. Ова го покажуваат најновите ревидирани податоци за БДП, кои деновиве ги објави Државниот завод за статистика, кој направи корекција по новата методологија на податоците за БДП за периодот од 2000 до 2012 година. Во последната година македонскиот БДП тежи 7,5 милијарди евра. Статистика неодамна ја имплементира новата методологија на Европскиот статистички систем ЕСС 2010 по примерот на Велика Британија и многу други европски земји, како и на Хрватска, каде што по новата статистичка методологија влегуваат 25 нови ставки, меѓу кои се и илегалните активности. Тие и во другите европски земји учествуваат со приближно сличен процент во БДП, односно исто како и кај нас имаат многу мало влијание во вкупната економија.
prostitucija1
Од Државниот завод за статистика велат дека при пресметките користеле податоци и од државни институции и од невладини организации.

– Се оценува дека илегалните активности имаат учество во вкупниот БДП од околу 0,3 отсто, а само дрогата и проституцијата околу 0,1 до 0,2 отсто. За пресметка на вредноста на потрошувачката на наркотици се користени податоците од Министерството за внатрешни работи и непрофитната организација „Опција за здрав живот“ преку бројот на зависниците и вредноста на дневниот, односно месечниот издаток за корисниците. За проституцијата се користени податоци од истата непрофитната организација, од каде што се земени податоци за бројот на лицата што даваат услуги и за бројот на услугите. Цените за пресметка се земени од наведените извори, а и од дополнителни консултации со стручни лица – информираат од Статистика.

Заводот направи корекција по новата методологија на податоците за БДП за периодот од 2000 до 2012 година. Во последната година македонскиот БДП тежи 7,5 милијарди евра.

– Мислам дека како принцип да се направат обиди да бидат вклучени и таквите видови приходи е позитивна работа. Сепак станува збор за незначителна сума на учество на илегалните активности во вкупниот БДП. Но треба да имаме предвид дека се работи за перцепција, процена, бидејќи ако би имале бројка, не би се користеле неформални, илегални активности. Станува збор за мала бројка, но факт е дека не само кај нас, туку секаде учеството на таков вид приходи е многу поголемо – вели Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии.

За професорката Марија Зарезанкова-Потевска ова прашање, покрај економскиот аспект, има и друг, општествен.

– Прашање е како ќе се евидентира тој проток на пари и дејности, а потоа и влијанието врз општествениот развој и моралните вредности во едно општество. Дали на овој начин нема да се фаворизираат нелегалната трговија и употребата на наркотични средства, проституција итн. Но, бидејќи сме принудени да прифатиме с`, односно сите упатства (директиви) од ЕУ, принудени сме и да ја прифатиме и оваа нова методологија, се поставува прашањето дали с` од ЕУ треба да прифаќаме! Но, сепак, и оваа илегална трговија треба да се евидентира некаде, односно да се има увид во неа ако е можно. Дали е можно треба да утврдат надлежните државни органи – вели Зарезанкова-Потевска.

Во објаснувањето на статистиката на новата методологија на пресметката се вели дека при последната ревизија се направени пресметки на илегалната економија базирани на препорачаните методи – количина по цена за ставките проституција и дрога и пресметка за вредноста на бакшишот во рестораните, фризерниците и такси-превозот во кои делумно е вклучена и потрошувачката на нерезидентите.

– Тие пресметки имаат импликација врз резултатот на меѓуфазната потрошувачка, но и на оперативниот вишок и тоа за индустриите што се производители на тие услуги и на домаќинствата како производители, но и во потрошувачката на домаќинствата – пишува во објаснувањето на статистиката на новата методологија на пресметката.

Неодамна Хрватскиот завод за статистика објави податок дека илегалните активности го зголемуваат БДП на земјата за 0,7 отсто, односно за околу 300 милиони евра. Директорот на Државниот завод за статистика, Марко Kриштов, за хрватските медиуми изјави дека просечниот доход од дистрибуција на дрога во периодот од 1995 до 2012 година изнесува 0,28 отсто од хрватскиот БДП, а исто толкаво е и учеството на проституцијата.

Dnevnik.mk

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1