Државниот просветен испекторат како надлежна институција за контрола над спроведувањето на законите во областа на образованието, врши редовни и вонредни инспекциски надзори во работењето на образовните институции во Република Македонија на сите нивоа и во сите сегменти, вклучивајќи ги јавните, но и приватните високообразовни установи, истакна денес директорката на просветниот инспекторат Надица Николовска.
-Согласно програмата и плановите за работа на Државен просветен инспекторат на годишно ниво се вршат над 12.000 инспекциски надзори на сите образовни установи во земјава, меѓу кои и на универзитетот МИТ каде при досега спроведените инспекциски надзори сите констатирани состојби се документирани во извештаи од страна на ДПИ. При инспекциските надзори на МИТ Универзитет Скопје констатирани се неправилности во работењето. При инспекцискиот надзор во делот на спроведени постапки за избори во звања на петте акредитирани факултети донесени се 21 решение за поништување на избори во звања кои се извршени спротивно на законот за високо образование, објаснува Николовска.
Таа додава дека според констатираните неправилности се доведува во прашање функционирањето на МИТ универзитет Скопје, поради што ДПИ согласно законот за високо образование поднело барање до одборот за акредитација и евалуација за преиспитување на дадените акредитации како и до Министерот за образование и наука.
-Извршени се и вонредни инспекциски надзори по претставки на студентии на барање на дипломатско претставништво во однос на запишување на студенти на неакредитирани факултети, дентална медицина, козметологија и физиотерапија, при што е извршен координирн инспекциски надзор од страна на неколку државни институции. Станува збор за упис на студенти на фиктивни факултети што е казниво по закон. Бидејќи овој надзор е во тек за исходот дополнително ќе информираме, потенцираше Николовска.
Директорката додаде дека и во иднина ќе продолжат во вршење на редовни и вонредни инспекциски надзори во интерес и заштита на правата на домашните и странски студенти во Македонија.