Детскиот живот нема цена…Секое дете е Тамара, беа транспарентите кои можеа да се забележат во недела напладне за време на мирниот протест на велешани во Младинскиот парк.
Присутните сметаат дека овој згаснат живот е резултат на бирократскиот однос на институциите.
Покажувајќи црвен картон, насобраните побараа оставка од Тодоров, Андовски, Парнаџиева-Змејкова, Мехази, Софијанова, но и оние „од горе“ кои на членовите на Комисијата им наредиле да не дозволат лекување во странство.
„Кога системот убива дете, што останува како утеха? Нема утеха. има само гнев тага и недоверба, и тоа недоверба кон министерот за здравство, кон Фондот за здравство, лекарската комисија, јавното обвинителство, кон судството“, рече Моника Петковска, јави велешкиот портал Лисица.
Иако скршена од болка, на протестот се појави и мајката на Тамара.Низ солзи мајката на Тамара раскажува за радоста на својата ќерка дека штом чичковците ќе одлучат каде да се лекува ќе лета со авион, но наместо лет до Турција, таа одлетала кај ангелите.
-Додека чекавме Фондот за здравство да одобри лекување на Тамара во странство, стигнаа понуди од болници во Америка и Велика Британија бесплатно да ја оперираат. Беше среќна, ми викаше: мамо, ќе летам со авион. Но, наместо со авион, одлета кај ангелите. Затоа, да не дозволиме утре некое дете да биде друга Тамара – порача на денешниот протест во младинскиот парк во Велес, Жаклина Димовска, мајката на 9 годишната Tамара.
Солзите не ги криеја сите присутни во Младинскиот парк кога скршена од болка Жаклина јавно на сите им кажа дека со собраните средства од хуманите луѓе за лекување на малото девојче семејството ги подмирило посмртните трошоци. Апелирајќи судбината на нејзината Тамара да не се повтори кај ниедно друго дете, таа рече.
„Упатувам апел до сите функционери, пратеници и министри, доктори..сите… доколку некој родител чека прием кај Вас сослушајте го во чест на Тамара, за да не се случи нова Тамара“, рече Жаклина Димовска, мајка на Тамара.
Тамара почина на деветти, месецов. Имаше вродена мана на рбетниот столб. Пред две години и беше направена првата операција. Се броеја деновите кога семејството преку ФЗО ја очекуваше информацијата кога ќе биде втората операција. Иронијата да биде поголема, два дена по нејзината смрт стигнало долго очекуваното писмо.
Родителите, но и јавноста, сега се во исчекување на резултатите од обдукцијата кои ќе го дадат одговорот од што почина малата Тамара.