Заедно со нашите народи испишавме историска победа. Првата честитка до грчкиот премиер за ратификацијата на Договорот од Преспа во грчкиот Парламент стигна од премиерот Заев.
Честито мој пријателе @tsipras_eu, заедно со нашите народи испишавме историска победа. Нека е вечен Договорот од Преспа, нека се вечни мирот и прогресот на Балканот и во Европа, пишува Заев.
Усвојувањето на Преспанскиот Договор во Грција го поздрави и Европската Унија. Претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер, високата претставничка за надворешна политика, Федерика Могерини и еврокомесарот Јоханес Хан во заедничко соопштение “топло го поздравија“ новиот чекор во усвојувањето на Преспанскиот Договор, со кој земјава се преименува Северна Македонија
Од самиот почеток ЕУ силно го поддржа историскиот договор потпишан од Премиерите Ципрас и Заев под водство на Обединетите Нации. Потребна беше политичка храброст, лидерство и одговорност од сите страни за да се надмине еден од најтешките спорови во регионот. Двете земји ја искористија оваа уникатна прилика која дава пример за помирување во цела Европа и ќе донесе дополнителен поттик за европската перспектива на регионот. Можеме да кажеме со сигурност дека денеска Атина и Скопје, заедно, испишаа нова страница во нашата заедничка ЕУ иднина, пишува во соопштението.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг исто така го поздрави усвојувањето на Преспанскиот договор во Грција, велејќи дека со нетрпение ја чека идната Северна Македонија да стане членка на НАТО.
Важен придонес за стабилноста и просперитетот на целиот регион. Со нетрпение ја челам идната Северна Македонија да стане членка на НАТО, пишува Столтенберг.
Откако Преспанскиот договор беше усвоен од грчкиот парламент, честитка до Заев и Ципрас испрати и претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск
“Тие имаа фантазија, презедоа ризик, беа подготвени да ги жртвуваат своите сопствени интереси за поголемо добро. Зоран, Алексис – добро направено! Невозможната мисија е исполнета“, напиша Туск на својот профил на Tвитер.
Првата европска политичка партија што се огласи по ратификацијата на Преспанскиот Договор во Грција се Европските социјалдемократи. Нивниот шеф и посака “добредојде на Северна Македонија“, воедно барајќи земјата да биде наградена со почеток на преговорите во јуни.