Сурогат мајка може да се биде само еднаш. Жената треба да е државјанин на Македонија на возраст од 25 до 50 години, да е мајка на најмалку едно дете, да е психофизички здрава, да не е кривично гонета, да не е зависник од дрога и да нема заразно заболување. Овие услови се зацртани во предлог измените на законот за биомедициснко потпомогнато оплодување. Од друга страна право на дете од сурогат мајка имаат само брачни парови со македонско државјанство. Ако жената од оправдани причини неможе да забремени. Брачната двојка има право на 2 деца од сурогат мајки. Регистар за оваа постапка ќе води министерството за здравство. Пред започнување на постапката мајката и паровите ќе се запознаат.
-Пред спроведување на постапката на внесување на ембрионот во матката на жената гестациски носител, задолжително е претходно заедничко психолошко советување на брачната двојка и на потенцијалниот гестациски носител во времетраење од три месеци, при што ќе се одржуваат најмалку две средби месечно, како и задолжително правно советување на двете страни. За таа цел, ќе биде изработен и објавен Национален водич за психолошко и правно советување на брачната двојка и на потенцијалниот гестациски носител за оваа постапка, рече Никола Тодоров, министер за здравство.
Според Тодоров сурогат мајчинството во Македонија треба да биде само од хумани причини, да им се помогне на паровите кои неможе да имаат деца. Брачните парови на сурогат мајката треба само да ги надоместуваат само трошоците во текот на бременоста и да не бидат поголеми од една просечна плата, а подарокот по породувањето да не е поскап од 100 евра. Сурогат мајката има право на породилно од 45 дена,а жената за која е родено бебето 9 месеци. Во случај на комерцијализација се предвидува казна затвор од 6 месеци до 5 години за секој кој ќе земе или даде пари за да друга жена им роди дете. Кривично ќе одговараат и медиумите ако јавно изнесат податоци за лицата кои се одлучиле за сурогат мајчинство.
– Бевме загрижени дека доколку се дозволи сурогат мајчинството, следниот чекор би бил дозволување на ектогенеза (раѓање на дете во инкубатор), што можеби ќе биде медицински можно во наредните 10ина, а можеби и повеќе години. Се запрашавме дали е тоа патот по кој треба да оди човештвото? Затоа воведовме кривично дело, според кое со казна затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор ќе се казни тој што надвор од телото на жена „одгледува“ ембрион или фетус заради раѓање на дете (ектогенеза, додаде Тодоров.
Концептот сурогат мајчинство функционира во САД, Англија, Русија и во други западноевроски земји. Кај нас неодамна доби зелено светло од Владата и е во собраниска процедура. Претходно имаше неколку јавни дебати со психолози,психијатри,правници и претставници на верските заедници. Првото бебе од сурогат мајка се очекува да се роди во 2015 година.
Сител