Првпат во Македонија судот пресуди во корист на бремена жена која добила отказ откако на работодавецот му соопштила дека очекува дете.
Македонското здружение на млади правници (МЗМП) денеска информира дека Основниот суд – Скопје 2, на 3 март, донел пресуда со која утврдил дискриминација и нееднаков третман по основа на личен статус, семејна и брачна состојба, односно бременост со прекинување на работниот однос.
„Во конкретниот случај на тужителката, откако останала бремена, тужениот не го продолжил договорот за работа на определено време и донел решение за престанок на работниот однос. Судот утврдил дека тужениот имал однесување кај кое постои намера да се дискриминира тужителката поради бременоста“, информираат од МЗМП.
Според Судот, доколку тужителката не била бремена, работодавецот, како и претходно, ќе склучел со неа анекс-договор за вработување и таа сè уште ќе била во работен однос. Судот определил надомест на нематеријална штета.
Од Здружението на млади правници велат дека ваквата одлука на Судот е од особено значење бидејќи првпат во Македонија е утврдена дискриминација по основа на бременост. Оттаму велат дека во последната година биле пријавени поголем број случаи на бремени жени кои откако го известиле работодавецот за својата состојба, не им бил продолжен договорот склучен на определено работно време.
Skopjeinfo.mk