Српскиот претседател Томислав Николиќ во четвртокот по разговорите со рускиот претседател Владимир Путин во Белград порача дека Србија во Русија гледа искрен и вистински пријател и дека помошта на оваа земја е драгоцена за зачувувањето на територијалниот интегритет и суверенитет, особено кога станува станува збор за Косово и Метохија, пренесува Танјуг.
Рускиот претседател, кој престојува во Белград по повод одбележувањето на 70-годишнината од ослободувањето на Белград и победата на фашизмот, порачал дека двете земји имаат заедничко минато и добра иднина.
„Знам дека тој пристап го чувате, иако можеби можевте и поинаку“, изјавил Николиќ на почетокот на состанокот, додавајќи дека Србија во Русија гледа свој голем сојузник, соработник и партнер, и дека нема да го загрози својот морал преку какво и да е лошо однесување кон Русија.
Николиќ додал дека Србија денес нема непријател, туку дека има помали и поголеми пријатели, повторувајќи дека во Русија гледа голем пријател.
„Србија на овој начин покажува дека размислува онака како што размислувале и нашите предци и ги учеле своите деца да ја сакаат Русија. Нас нè поврзува сè, не само заедничкото словенско потекло, јазикот, верата, традицијата, културата, туку и тоа што секогаш сме биле на иста страна“, истакнал српскиот претседател.
Рускиот претседател порачал дека двете држави имаат многу заеднички нешта од минатото, но и дека пред себе имаат добра иднина. Тој потсетил дека пред 70 години беа водени борби за ослободување на Белград, оценувајќи дека тоа било „заедничка борба за вистинска работа“.
Кога се работи за Косово, чија независност Русија не ја признава, Путин нагласил дека официјална Москва тука зазема принципиелен став кој не се заснова само на пријателските односи, туку и на меѓународното право.
„Тоа е принципиелен став кој нема да подлегне на никакви промени. Ја поддржуваме Србија и имаме намера ова да го правиме и во иднина“, рекол Путин.
Тој оценил дека трговско-економските односи меѓу двете земји имаат тенденција за раст, но дека можат да бидат уште подобри и изразил надеж дека за време на разговорите со српските официјални лица ќе бидат пронајдени и дополнителни причини за натамошна соработка.
По слетувањето во Белград, двајцата претседатели се упатија на гробиштата на Ослободителите на Белград, каде положија цвеќе, а потоа се запишаа и во спомен-книгата.
„Секогаш внимателно ќе се сеќаваме на советски и југословенските војници кои ги дадоа своите животи за мир во Европа, сето тоа го паметиме, и тоа е подвиг кој овозможи да се доближи нашата заедничка победа. Се поклонуваме пред нивното јунаштво и пожртвуваноста“, напиша Путин во спомен-книгата.
Путин потоа пред Палатата „Србија“ беше дочекан од српската претседателка на Собранието Маја Гојковиќ, српскиот премиерот Александар Вучиќ и министрите во српската влада.
Српскиот претседател Николиќ потоа на Путин му додели орден за извонредни заслуги во развивањето и зацврстувањето на пријателските односи меѓу Србија и Русија.
Путин оствари и средба со српскиот премиер Александар Вучиќ, кој ја искористи приликата да го замоли рускиот претседател да овозможи увоз на „Фиат“, кој се произведува во Крагујевац.
„Јас денес ќе ја искористам оваа прилика за да ве замолам за нешто. Вие знаете дека во Србија произведуваме „Фијат“, тоа е наш автомобил направен во Крагујевац, и доколку можете, би сакале да овозможите увоз на овие возила во Руската Федерација“, рече Вучиќ.
За време на посетата на Путин двете страни ќе потпишат и повеќе меѓународни договори од областите на развојот на воено-техничката соработка, енергетика и железнички сообраќај.