Путин: Русија во 2015-та спречи 30 атентати, во Сирија уште не ја покажа сета моќ


Руските тајни служби спречиле 30 планирани терористички напади и откриле повеќе од 320 странски шпиони во текот на 2015 година изјави во саботата рускиот претседател Владимир Путин на средбата со безбедносните офицери во Кремљ, и истовремено истакна дека руските вооружени сили во операциите во Сирија ниту од далеку не ги искористиле сите свои можности.isis-russia-putin-iii

„Сакам да истакнам дека оваа година благодарејќи на Федералната служба за безбедност (ФСБ), се спречени повеќе од 30 злосторства со терористички карактер“, изјави рускиот претседател Владимир Путин по повод празникот на припадниците на безбедносните служби.

„Нашето контраразузнавање има голема одговорност. Годинава открија повеќе од 325 припадници на странските тајни служби. Гледаме дека тајните служби од голем број земји засилено работат во Русија“, рече Путин и самиот поранешен припадник на советската тајна служба КГБ и директор во ФСБ пред да дојде на власт во 1999 година.

Шпионските афери во последниот период се зачестени во Русија, а повеќето од нив се поврзани со ситуацијата во Украина, каде што од април 2014 година трае судирот меѓу прозападните сили и силите на рускојазичното мнозинство на југоистокот од земјата.

Во истото обраќање Путин порача дека руската армија е „далеку од тоа дека ги искористила сите свои капацитети во Сирија“, наведувајќи дека ќе „бидат употребени и дополнителни средства, доколку е потребно“.

„Можеме да видиме колку ефикасно дејствуваат (во Сирија) нашите пилот, разузнавачи, колку ефикасно ги координираат меѓусебно своите напори, при што различните родови од армијата, морнарицата, воздухопловните сили, ги применуваат најсовремените оружја. Сакам да истакнам дека тоа е далеку од сите наши можности. Ние не го применуваме таму, сето она со што располагаме“, рече Путин.

„Поседуваме и со дополнителни средства. Доколку биде потребно, и ќе ги искористиме“, додаде рускиот челник.

„Ситуацијата во светот сложено се развива. Расте напнатоста во Блискиот исток, а и во многу други региони. Терористите отворено ѝ објавија војна на цивилизацијата, на целата меѓународната заедница. Нивните дејствија и планови претставуваат директна закана за нашата земја“, истакна Путин.

Според него, во моментов руските вооружени сили се борат против таа закана на фронтовите во странство, уништувајќи ја нивната инфраструктура, кампови за обука, бази во Сирија.

„Повторно ќе истакнам дека тие одлучни чекори треба да бидат поврзани и координирани со исто толкава жестина на сите нашите специјални служби. Станува збор за плановите на терористите, спречување обиди на терористичките и екстремните групи да ја интензивираат својата активност на територијата на Русија“, заклучи Путин.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1